На одбележување на годишнина од упадот на полицијата во А1 што резултираше со нејзино затворање, поранешниот сопственик, Велија Рамковски, пред објектот на „Перо Наков“ денеска одржа говор пред поранешни вработени и рече дека му се радува на животот затоа што му претстои многу работа, која ќе ја сработи.
-Бев на доктор и пред да почне да ме гледа докторката ме праша кога ќе ја отворам А1. На тој што го направи ова можеше да му текне нешто друго, а не да не затвори, така што испаднав во ќар што завршив во затвор – рече Рамковски.
Тој ги повика новинарите и медиумските работници кои беа дел од телевизијата секоја година на овој датум да се потсетуваат на тоа што се случи, за да не се повтори.
-Да засукаме ракави за да не се повтори. Ова само болен ум го прави. Седум години е долг период, а времето прави да се заборават работите. А1 не е заборавена затоа што гледачите има споредба, седум години споредуваа со Сител и другите и богами не добиваа тоа што бараат. Затоа е незборавена, не е надмината, А1 беше репер, другите телевизии имаа кон што да се движат – рече Рамковски.
По затворање на телевизијата, додаде, го снема и новинарскиот бизнис во земјава. Падна, рече тој, од 20 милиони евра, на 5-6 милиони евра. Гледачот, посочи Рамковски, му врти грб на медиум кој работи според интересите на власта и бизнисот, а А1, рече, работела според интересите на граѓаните.
-За мене после затворот почнува нов живот. Излегов и сега сум како во рајот, му се радувам на животот на тоа што имам многу работа и ќе ја сработам – заврши Рамковски.