Димовски до власта: Се уште се чувствувате како на меден месец

by fokus

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара од Владата да не доставува предлог закони по скратена постапка затоа што на тој начин, рече, се намалува квалитетот на расправата во парламентот. 90 отсто од владините закони предложени од Владата, рече Димовски, се по скратена постапка. Но тоа не значи, додаде тој, дека ќе се донесат побрзо доколку нема договор меѓу власта и опозицијата.

-Ве разбирам, се уште се чувствувате како на меден месец, се уште сте во еуфорија затоа што кратко сте на власт. Но ве уверувам дека на овој начин ќе ви се наталожат проблеми – рече Димовски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на тоа реплицираше дека се против разгледување на закони во скратена постапка, но дека дел од законите се веќе дебатирани.

-Не мислиме дека на тој начин ќе се забраза постапката, но дел се веќе донесени, а дел веќе разгледувани. Од седум закони денеска, три се дебатирани, разговаравме и за Советот за утврдување на факти, за заштита на сведоци. Од сферата на финансиите и социјалната заштита, се бара само одложување на законски решенија, значи се работи за техничка неподготвеност на службите кои треба да ги спроведат овие закони – рече Тунтев.

Парламентот денеска прифати по скратена постапка да се разгледуваат: предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, предлог на  закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, предлог  на закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, предлог на  закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, предлог на  закон за изменување на Законот за здравственото осигурување, предлог на закон за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и предлог на  закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите.

 

Поврзани новости