Албанскиот премиер Еди Рама упати порака до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој претходно изјави дека нема да учествува на Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан, што на 6 декември ќе се одржи во Тирана, јави АБЦ њуз.
– Учеството на Самитот е единствениот пат што го има Вучиќ, бидејќи во спротивно тоа би било катастрофално за него и за Србија, истакна Рама.
Тој нагласил дека единствениот што нема да биде дел од Самитот е премиерот на Шпанија, бидејќи неговата земја го одбележува Денот на Уставот.
– Само премиерот на Шпанија нема да присуствува. Ми испрати писмено објаснување. Шпанија го одбележува Денот на Уставот и тоа е ден од големо значење. Ги знаете и внатрешните тензии во Шпанија. Неговото писмо е поткрепено и доволно за неможноста за учество. Другите ќе бидат присутни, доде Рама.
Во однос на одржувањето на Самитот и најавениот протест на опозицијата, тој е оптимист дека на 6 декември нема да има инциденти бидејќи „Самитот е организиран подолго време и се преземени сите мерки од Албанија и европските организатори“.
Рама ја обвини опозицијата и Сали Бериша, велејќи дека „протестот на 6 декември е апсурден, а Бериша протестира за свои интереси“.