Рајчиноски: Никола Младенов е симбол за слободата на изразување, а тоа беше кулминацијата на мојот говор

by fokus

Ѓорѓи Рајчиноски е овогодинешниот победник на Ораторската вечер која традиционално се одржува на Правниот факултет. Тој победи со говор посветен на студентското движење и борба, кој заврши со цитат од основачот на „Фокус“, Никола Младенов. Поледните зборови од победничниот говор беа: „Затоа, ние мораме и ќе го направиме ова општество, општество на слободни луѓе, а не збиршнита од безрбетници! И тука – нема компромис!“.

Рајчиноски во изјава за „Фокус“ вели дека својот говор го завршил токму со цитат од Младенов, бидејќи тој е симбол за слободата на изразувањето.

-Никола Младенов и неговата изјава претставуваат симбол на слободата на изразувањето, а слободата на изразувањето е една од најважните човекови слободи. А тоа само беше кулминација на моите поенти кои треба да допрат до сите студенти. Она што како најважна порака која сакам студентите да ја примат е тоа дека ние покажавме дека имаме сила и треба да го користиме потенцијалот кој го поседуваме за да го обликуваме општеството по наша мерка. Тоа би требало да го започнеме од ситуацијата во која функционираме. Ние како студенти мораме да се бориме за студентска организација која ќе претсавува вистински репрезент и заштитник на студентите и студентските права, а не нем послушник на секоја власт, вели Рајчиноски.

Во својот говор тој се осврна и на молкот од Универзитот кога студентите за својата борба беа етикетирани и напаѓани. Повика студентите да не чекаат некој друг да им ги реши нивните проблеми, туку тие сами ситуацијата да ја земат во свои раце.

Катерина Смилева

Поврзани новости