Рај во уништување!

by Фокус

Пишуваат
проф. д-р Томас ВИЛКЕ
д-р Кристијан АЛБРЕХТ

Жителите на Охрид се благословени со нивното езеро. Не само тие, веројатно сите што живеат во Македонија. Но, со овој благослов доаѓа и одговорност. Како, по неколку децении, на нашата генерација ќе гледаат нашите деца и внуци? Како на генерација која уништила едно од најбогатите езера во светот водени од наивност, лажна гордост, политички агенди, па дури и алчност? Или, пак, треба да нѐ гледаат како онаа генерација која направила сѐ што е во нејзината моќ за да го спаси овој рај од уништување?

Некои нации се благословени. Благословени се со богата и инспиративна историја, со сликовити предели или места со извонреден биодиверзитет. Македонија го има сето тоа – светски познати историски ликови, како што е Свети Климент Охридски, воодушевувачки предели, како на пример Вардарската долина или Пелистер, и места со несекојдневен биодиверзитет, како што е познатото Охридско Езеро.

Охридско Езеро е најстарото езеро во Европа и истовремено едно од најдиверзитетните езера во светот. Тоа е дом на повеќе од 350 ендемични видови, т.е. видови што не се среќаваат на ниедно друго место во светот. Сепак, ние знаеме премногу малку за езерото, така што фактичкиот број на ендемични видови може да биде дури и поголем. Дополнително, некои видови од Охридско Езеро се распространети на ограничена површина, која понекогаш е дури и помала од фудбалско игралиште, што претставува уште поголем предизвик за разбирање на неговиот жив свет.

СВЕТИОТ ГРАЛ ЗА БИОЛОЗИТЕ

Оваа огромна биолошка разновидност, заедно со некои лимнолошки специфичности, како што се бројните извори, го направиле Охридско Езеро да го претставува „Светиот Грал“ за биолозите во светот. Со цел да се разоткријат процесите што го создале Охридско Езеро со целата негова биолошка разновидност, меѓународна група научници во 2013 година спроведе систематско дупчење на дното на езерото. Целта на ова истражување беше да се открие геолошката и еволуционата историја на езерото. Врз основа на операцијата на дупчење, која всушност претставува една од најуспешно изведените проекти, тимот откри дека Охридско Езеро е старо најмалку 1,3 милиони години, и низ неговата историја езерото нудело идеални услови за еволуција на нови видови.

Тимот, исто така, утврди дека езерото служело и како штит или „бафер“ (заштитен појас), кој ги ублажувал историските промени во животната средина, како на пример масивни наноси од вулканска прашина и значајни промени во нивото нa водата, кои, всушност, можеле негативно да влијаат врз живиот свет во езерото.

Меѓутоа, од скоро оваа заштитна функција на езерото е ставена во опасност. Во 2010 година, меѓународна група автори публикуваше студија во познато научно списание, во кое беше нагласена „кризата за биодиверзитетот“ во Охридско Езеро. Тие сугерираа дека главната одговорност за намалување на биодиверзитетот во езерото може да се препише на социолошко-политичките фактори, како и промени во животната средина што се предизвикани од човекот. Со цел да се ублажи тековната криза и да се заштити уникатниот биодиверзитет на езерото, авторите во таа студија препорачаа да се имплементира и стапи во дејство генерален план за управување со езерото и неговото сливно подрачје, да се промовираат научни студии за екологија, биодиверзитет и ефекти од човековото влијание, да се воспостават јадрови подрачја во езерото за заштита и да се воспостави крајбрежен заштитен појас.

ТУРИСТИЧКИТЕ ЗОНИ „СМРТ“ ЗА ЕЗЕРОТО

За жал, оттогаш е многу малку направено, со исклучок на фактот дека на 13 октомври 2014 година, регионот Охрид – Преспа беше прогласен за прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО. Напротив, ситуацијата е уште полоша: реката Сатеска сѐ уште го загадува езерото, колекторот за прочистување долж македонското крајбрежје од езерото е сѐ помалку ефикасен, се спроведува нагла урбанизација и од албанската и од македонската страна; дури има и обиди да се промени статусот на  националниот парк „Галичица“ во некоја пониска категорија на заштитено подрачје.

Она за кое мора најитно да се преземе грижа е Студенчишкото блато. Блатото ја има улогата на природен филтер, кој ги задржува штетните нутриенти да навлезат во Охридско Езеро, кое инаку важи за олиготрофно езеро (олиготрофно – со мало ниво на нутриенти, заб. прев.). Покрај тоа, Студенчишкото блато е и живеалиште на специјализирани растенија и животни, вклучително и ендемични видови. Реализирањето на градежните планови ќе доведе до неповратно уништување на овој клучен екосистем и преку тоа ќе се нанесе силно негативно влијание врз хидролошкиот систем на Охридско Езеро.

Слични проблеми може да се појават ако се реализираат планираните „туристички зони“ блиску до манастирот „Св. Наум“, кои ќе опфатат и големи повеќенаменски хотелски комплекси. Оваа е многу чувствителна област, која не само што го содржи главниот систем на извори што го напојува Охридско Езеро, туку, исто така, е богата со ендемични видови. Затоа и заслужува највисок приоритет за заштита.

Неконтролираното градење и развој во близина на комплексот на напојувачки извори кај Тушемиште, кое се наоѓа веднаш зад границата во Албанија, може да служи како сведоштво за огромното негативно влијание кое ваквите штетни активности го имаат врз езерото. Наспроти масовните протести од локалните жители и претставниците на црквата, плановите за оваа „туристичка зона“ не се повлечени.

Дел од актуелниот проблем е и тоа што капацитетот на заштитниот еколошки појас околу езерото е недоволно разбран од инвеститорите и од политичарите. Факт е дека езерото е постаро од еден милион години. Факт е дека езерото поминало низ многу природни промени низ својата историја. Но, факт е и тоа дека овие промени имале мал ефект врз биодиверзитетот на езерото. Сепак, денешните огромни влијанија од човекот претставуваат не еден, туку многу стрес-фактори, кои дејствуваат истовремено.

Така, умножениот ефект од многу антропогени негативни влијанија го ставаат езерото во опасност, при што некои научници сметаат дека Охридско Езеро веќе ја достигнало или ја поминало својата критична точкa на промена. Навистина, постојат многу знаци на предупредување. Сакате ли да уживате во познатата охридска пастрмка? Само на слики од разгледници! Сакате да пливате насекаде во езерото? Внимавајте на „црните петна“ заразени со бактерии! Заинтересирани ли сте за ендемичните форми во изворот во Бејбунар? Предоцна, изворот беше уништен пред неколку години при конструкцијата на резиденцијална област! Ова е само мал избор од многуте проблеми.

ИТЕН МОРАТОРИУМ НА СИТЕ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ

Секако, Охридско Езеро и градот Охрид се блиску поврзани низ вековите. И да, граѓаните на Охрид имаат право да го користат езерото. Што би било значењето на такво богатство ако човек не може да оди на рибарење, пливање или на пловење? Што ќе се случи ако граѓаните на Охрид не смеат да пречекуваат туристи во модерни хотели? Што ако луѓето не може да уживаат во прекрасното зајдисонце над езерото, седнати во традиционален ресторан и уживајќи со чаша од познатото „Т’га за југ“?

Всушност, прашањето не е ДАЛИ, туку КАКО треба да се користи езерото. Сепак, неконтролираниот урбанистички развој не смее да се дозволи. Додека на езерото му истекува времето, ние ги препорачуваме следните акции кои мора веднаш да се преземат: мораториум на сите градежни активности што влијаат врз езерото и неговите води; воспоставување општ план за управување, воден од меѓународен панел од научници и поддржан од локалните жители; водење силна антикоруптивна политика, во која ќе бидат вклучени инвеститори, научници и други засегнати страни.

Исто така, важно е да се сфати дека проблемот не е само локален. Охридско Езеро со својот исклучителен биодиверзитет веќе долго време го има признанието од УНЕСКО. Тоа е сега дел од прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа и дел од Светското природно наследство. Според УНЕСКО, статусот на резерват значи дека користењето на природните ресурси треба да е одржливо, додека статусот на Светско природно наследство значи заштита и зачувување на природното наследство.

Ние сме убедени дека тековната состојба што ја гледаме во Охридско Езеро не е во согласност со овие барања. Исто така, веруваме дека треба да се дејствува веднаш, иако е веќе предоцна да се помогне на некои од организмите што исчезнале од овој екосистем.

Жителите на Охрид се благословени со нивното езеро. Но, со овој благослов доаѓа и одговорност. Како, по неколку децении, на нашата генерација ќе гледаат нашите деца и внуци? Како на генерација што уништила едно од најбогатите езера во светот водени од наивност, лажна гордост, политички агенди, па дури и алчност? Или, пак, треба да нѐ гледаат како онаа генерација која направила сѐ што е во нејзина моќ за да го спаси овој рај од уништување?

ohrid2

Ситни ендемични видови на полжави од Охридско Езеро (за споредба на големината ставена е слика од клечка кибрит). Иако нивната прецизна распредeлба по езерото останува непозната, некои од нив може да се појават во подрачја со површина помала од фудбалско игралиште.

Еднаш одамна, Св. Климент Охридски несебично и пожртвувано им донесе писменост и образование на луѓето. Да бидеме и ние пожртвувани и несебични во нашите постапки. Да го спасиме заедно Охридско Езеро. Да го направиме тоа сега!

 

ohridtomas

Д-р Томас Вилке е професор на Институтот за систематика и екологија на животни на универзитетот во Гисен, Германија.

ohridkristijan

Д-р Кристијан Албрехт е сениор истражувач на истиот институт на универзитетот во Гисен, Германија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Двајцата беа инволвирани во проектот „Важни еволуциони настани во древното Охридско Езеро како индикатори за неговото потекло и геолошка историја“, финансиран од Германската Фондација за Истражување (DFG).

Поврзани новости