ЛП: Во македонската економија треба да важи правилото на еднаквост

by Фокус

Комисијата за економија и финансии при Либералната партија реагира на последните изјави на Претседателот на Владата на РМ на кој тој уверува дека домашните и странските инвеститори имаат еднаков третман.

Односната изјава на Претседателот на Владата објавена во порталот Фактор ја отсликува најдобро состојбата со третманот кон инвеститорите каде што кажува „било кој домашен инвеститор ако вработи преку 1000 вработени и побара помош, ќе го помогнеме“. Според оваа изјава излегува дека Владата на странците им се нуди за поволности, а на домашните инвеститори ќе им „даде“ поволности ако побараат.

Либералната партија ги оценува како опасни изјавите на Груевски кога укажува дека тезата за дискриминацијата на домашните компании ја развила една од опозициските партии. Прво, потребите на фирмите за нивен сопствен развој и вработувања не се партиски туку стрикно економски. Второ, Претседателот на Владата покажува партиска опседнатост и во економијата со што ги дели бизнисите по партиска основа и тоа: странските се нивни, а домашните се – на опозизицијата. Ваквата поделба лошо влијае на деловната клима во Македонија и во услови на пораз на владејачката партија многу веројатно е странските фирми да се повлечат од Македонија и со тоа да се направи штета на Македонската економија.

Либералната партија се залага за еднаков третман на домашните и странските компании. Тоа значи дека владата ќе посветува еднакво време на привлекување на домашни и странски компаии и дека сите ќе добиваат еднакви погодности за отворање на фабрики или нови бизниси. Според Либералната партија, економијата ќе биде поздрава ако обезбедиме помал број на ново-вработени во поголем број на домашни компании. На пример, 10 дополнителни вработувања во 1000 фирми е многу покорисно за Македонија отколку отварање на две фабрики со 5000 вработени.

Фактите кажуваат дека Претседателот на Владата организира наменски неколку-дневни трибини и посети со целосна делегација од министри и стручни лица во странство на теренот на странските инвеститори. Ваквите средби се организираат повеќекратно и со посветено време на помал број селектирани фирми. Потоа министрите и државните службеници имаат неколку последователни средби каде што даваат бројни поволности на ваквите инвеститори. Фактите кажуваат дека НЕ сите странски инвестиции се со повеќе од 1000 вработени како што кажува Претседателот на Владата. Освен најавата дека ќе имаат повеќе потреба од вработени во наредните години, поголемиот број на инвестиции врабаотуваат само стотина вработени, а има и странски фирми кои вработуваа и околу 50 вработени.

За разлика од ваквиот приод кај странските инвеститори, Претседателот на Владата и министрите најчесто ги посетуваат македонските фирми протоколарно, во моменти кога се отвара некоја чешма или локален пат. На ваквите средби нема простор или време да се разговара со бизнисмените за нивните потреби или за нивните елаборати за инвестирање. Точно е и дека Претседателот на Владата и некои од министрите имаат средби во стопанските комори но тоа се најчесто средби за да се аминуваат одредени законски предлози и решенија на владата.

Поврзани новости