Радио Кавадарци нема повеќе да емитува песни од Тамара: Се извинуваме, нејзините песни ненамерно се избришаа од нашата архива!

by fokus

Радио Кавадарци нема повеќе да емитува песни од поп пејачката Тамара Тодевска, бидејќи, како што информираат, сите песни кои таа ги отпеала ненамерно се избришале од архивите на радиото.

-Сите песни што ги испеала Тамара Тодевска ненамерно се избришаа од архивата на Радио Кавадарци. Затоа им се извинуваме на нејзините фанови доколку се уште ги има, што поради оваа ненамерна грешка нема да бидат емитувани на програмата на Радио Кавадарци – наведено е во соопштението на официјалната страница на Радио Кавадарци.

Радио Кавадарци постои повеќе од шест децении. Веќе 12 години е во приватна сопственост на Трајанка Митрова, која е и музички уредник на истото. Според анкетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија, Радио Кавадарци четири години по ред е убедливо најслушано радио од локалните радио станици во Македонија, додека пред неколку години на манифестацијата „Златни мелос 2014“ во Србија, освои музичко признание за најдобро музичко радио во Македонија.

Во Тиквешијата, традиција е утрата речиси во секој дом да започнуваат со популарното радио кое нуди голем број на информативни и забавно – рекреативни емисии, домашни народни и забавни песни, емисии за исполнување на музички желби на граѓаните и друго.

Митрова за ,,Фокус” ја потврди информацијата дека на Радио Кавадарци повеќе нема да се емитуваат песните од Тодевска. Како мало потсетување, пејачката се најде во центарот на вниманието откако вчера, во амбасадата на САД ја отпеа македонската химна, и при тоа ги изостави стиховите во кои се спомнуваат Делчев, Гули, Сандански… Денес таа се извини и кажа дека од премногу возбуда направила ненамерна грешка во изведбата.

Сопственичката на Радио Кавадарци, Трајанка Митрова вели дека македонците дури и во ропство пееле за своите херои, и како радиото продолжува да ја негува нашата традиција преку македонската народна и забавна песна.

-Радио Кавадарци пред се ја негува традицијата на македонскиот народ преку македонска народна и забавна музика. Ако ги изгубиме песните за Гоце, за Даме, Питу Гули, Страшо Пинџур, Димката Ангелов Габерот, за ваташките младинци, и за сите останати македонски револуционери што загинале за слободата на македонскиот народ, што ќе ни остане во душата, за да можеме да се чувствуваме како народ кој се борел со векови за својата слобода и да може слободно да каже -Да јас сум македонец! Дури и во ропството не се срамеле и пееле за своите херои. Зошто пак ние сега да се откажеме од нив?- ни изјави Митрова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости