Бугарија очекува ефективни дејствија од институциите на Европската Унија за валоризирање на вредностите на демократијата и почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија. Ова го изјави претседателот на Бугарија Румен Радев денеска за време на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.
Радев на средбата со Вархеји истакнал дека декларациите и ветувањата во дијалогот со Република Северна Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Радев, ова ќе го забрза процесот на европска интеграција за Република Македонија. Бугарскиот претседател го потсетил Вархеји дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Северна Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува и Скопје, според Радев, сè уште не го решил проблемот со говорот на омраза и всадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест.
Претседателот на Бугарија Радев за време на разговорот со еврокомесарот Вархеји истакнал дека „120.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија се државјани на Европската Унија, и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права“.