Околу 140 работници од Македонија ангажирани од фирма-произведувач за извршување градежни работи на автопатот Охрид-Кичево излегоа на протест поради, како што рекоа, низа неправилности кон нив како доцнење во исплатата на личните доходи и непридржување на работодавците кон потпишаните договорите за работа.
Работниците се пожалија дека воопшто не знаат каде да се обратат за своите проблеми, забележувајќи дека никој не води грижа за нивна заштита согласно одредбите на потпишаните договорите.
„Веќе доцни исплатата на платите за речиси два месеца. Честопати работодавецот ни закинува по 50 до 100 евра од договорените плати, без какво било образложение, без да ги знаеме причините за тоа, дали има некои грешки во нашето работење. Каде е тука трудовата инспекција, ние не знаеме каде да провериме ни дали ни се уплатени и продонесите за пензиско и здравствено осигурување“, рече Адем Мисоски од Струга.
На работниците прво им било ветено дека на 16 јуни ќе им бидат исплатени заоцнетите плати, потоа на 21, за последниот рок да им е посочен 23 овој месец.
Тие најавија дека ќе продолжат со штрајкот се додека не им бидат исплатени сите заостанати приходи, притоа барајќи од СВР – Охрид да им обезбеди услови за штрајк со блокирање на сообраќајот на магистралниот патен правец Охрид – Кичево.