Архива: ВМРО-ДПМНЕ мрази сѐ што е геј, а ја слави најголемата геј-икона!

by Fokus

Текстот е објавен на 31 октомври, 2014 година во неделникот „Фокус„ во бројот 995

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, бракот ќе биде исклучиво заедница меѓу маж и жена. Додека ВМРО е на власт, ќе се грижиме дечињата да имаат мајка и татко, тоа им го должиме ним и на поколенијата. Јас не се сложувам со истополовите бракови или давање можност да посвојуваат деца и ова јасно го кажувам. На крајот на краиштата, нам граѓаните не ни дадоа мандат да озаконуваме бракови меѓу мажи или меѓу жени и да им доделуваме деца на посвојување“.

Оваа изјава е извадок од интервјуто на првата полицајка Гордана Јанкулоска дадена за еден провладин портал пред точно една година. Тоа е истата министерка, која секојдневно се фали со „успешните“ полициски акции, а веќе две години не може или не сака да ги открие напаѓачите врз ЛГБТ заедницата.

Како по одредена шема, државниот врв од 2007 година наваму ја следи вмровската доктрина и сите едногласно го повторуваат истото „бракот е заедница меѓу еден маж и една жена, а децата без родители треба да ги посвојуваат брачни двојки во кои има маж и жена или самохрани родители“. Тоа мора да им го вкоренат во главите на луѓето.

Предводник и најверен на оваа доктрина е пратеникот Влатко Ѓорчев. Тој досега има напишано преку 30 колумни за семејните вредности, зголемување на наталитетот, традиционалниот брак, трето дете… Доволно е само да се отвори официјалната веб-страница на партијата на власт и да се видат сите „лекции“ една по една, кои овој пратеник ги одржал, бранејќи ги семејните вредности што ги пропагира владата, која во јавноста се декларира како демохристијанска.

Но, да се вратиме во реалноста. Едно е што посакува партијата на власт, а сосема друго е како треба да постапува една земја која себеси се смета за цивилизирана, демократска и толерантна и преферира да биде членка на Европската унија.

Како и во многу европски земји, така и во Македонија постои ЛГБТ заедницата, која години наназад води битка против сексуалната дискриминација, за свое скромно место под сонцето. Благодарение на политиките на актуелната власт и желбите и реториката на нејзините поддржувачи, овие луѓе постојано се омаловажувани, дискриминирани и стигматизирани во македонското општество.

Но, тука не завршува приказната. Работите стануваат уште пострашни. Во последните две години, тие станаа постојана цел на насилство и напади, и како што самите тврдат, „животот им е во опасност“.

Зошто овие луѓе се цел на напаѓачите? Кој се крие зад насилството врз нив? Зошто полицијата досега не ги открила напаѓачите и зошто, како што велат тие, на власта ѝ се поважни спомениците од живите луѓе? Нели сите се исти пред законот?

МВР ГИ ШТИТИ НАПАЃАЧИТЕ

Да се биде геј станува рамно на смртна пресуда во оваа земја. Со овие зборови, луѓето од ЛГБТ заедницата го објаснуваат шестиот напад врз нив, кој пред една недела се случи во кафулето „Дамар“ во Старата скопска чаршија. Но, тоа не е сѐ. Нападите се редеа, а веќе две години МВР и Јавното обвинителство „работат“ во интерес на истрагата, односно „истрагата сѐ уште е во тек“. До кога?

Првиот напад се случува на 23 октомври 2012 година, на отворањето на Центарот за поддршка на ЛГБТ, точно истиот ден кога „вмровците“ го слават Денот на македонската револуционерна борба. Оттогаш досега, овие луѓе се нападнати уште петпати, а последниот напад врз нив беше на двегодишната роденденска прослава, на истиот датум. Дали намерно или случајно датумите се поклопуваат?

Во последниот напад беше повредена девојка, која во моментот се нашла надвор од објектот, каде што се одржувала прославата. Според информациите, напаѓачите ѝ скршиле шише од главата, ја турнале на земја и почнале да ја удираат со клоци, по што таа била принудена да лаже дека е бремена за да спаси „жива глава“. Тие со качулки на главите и со палки во рацете фрлале канонада од камења врз објектот и извикувале „Овде нема место за педери“!

Како и да е, полицијата повторно „истражува“. Последниот напад го извршила група од 30 насилници, кои, како што се сомневаат активистите за човекови права, се од мешан етнички состав – и Македонци и Албанци. Од Хелсиншкиот комитет тврдат дека настанот има заднина, сценариото при секој напад е исто, а се сомневаат дека зад напаѓачите стојат двајца нарачатели, што е соодветно за коалицијата на власт која владее со Македонија.

– Не можам со сигурност да кажам дека нарачателите се од МВР или е некој од власта, но факт е дека МВР ги штити. Тоа ги прави соучесници во злосторствата предизвикани од омраза. Досега секогаш е истото сценарио со истите луѓе. Побаравме премиерот да излезе и лично да го осуди ова насилство, но тоа не се случи. Таква банда се фаќа за 15 минути, да не се лажеме. Не се само Албанци, има и Македонци. Факт е дека се двајца нарачатели – тврди Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Според неа, правдата во Македонија е селективна. Министерството за внатрешни работи за некого е мајка, за некого маќеа.

Билјана Гинова, исто така од Хелсиншкиот комитет, вели дека премолчувањето на сите напади од страна на премиерот и министерката за внатрешни работи, неосудувањето на насилството и непреземањето мерки за разрешување на насилството ја вбризгува хомофобијата во порите на општеството.

– Ова мора да запре, не смееме веќе да сме марионетка во куклената претстава режирана и поставена од оваа власт. Секој напад мора да се реши, напаѓачите мора да се изведат пред судот на правдата, насилството мора да се осуди, мора да се преземат сите мерки 23 октомври да престане да се повторува, оти во спротивно пак ќе бидеме нападнати од продолжената рака на државата, зашто ако државата не ги гони напаѓачите, тоа значи дека ги поддржува – вели Гинова.

Повиците за насилство почнале еден ден порано, пред роденденската прослава. На фејсбук-профил на Албанец пишувало дека „Дамар е слободна зона на ИСИС“, а ништо поразлична содржина имало и на профил на еден Македонец. На неколку портали на албански јазик и на фејсбук-групи биле испратени заканувачки пораки, во кои едно лице ги предупредува организаторите дека „следниот пат ќе биде уште полошо“.

Следниот пат (а тоа беше овојпат) ќе има предупредувачки ќотек, и сега повторно ќе предупредам дека следниот пат (ако воопшто го има) ќе биде уште многу полошо, особено по главата на организаторите! Сега тие треба да се пазат многу повеќе од вас затоа што ќе нема да се сокријат“ – гласеше коментарот на фејсбук-групата „Македонија“.

Тоа само ги потврдува сомневањата на активистите за човекови права дека меѓу напаѓачите имало и Албанци и Македонци.

Повторно остануваат нејасни прашањата, зошто МВР и јавното обвинителство молчат, иако ги знаат дел од напаѓачите? Зошто не ги фатат и не ги изнесат пред лицето на правдата, кога ги зеле видеозаписите од камерите во кафулињата во Стара чаршија близу до „Дамар“? Зошто полицијата постапува селективно? Дали штити некого?

Во неколкуте напади досега, ЛГБТ центарот беше демолиран, постоеја обиди да се запали објектот, поради што седиштето беше преселено, а, исто така, беше каменувана и куќата на актерот Петар Стојковиќ, кој неколку недели претходно јавно ја обелодени својата сексуална ориентација. Се одржаа и протести пред МВР, но ниту тоа не помогна да се фатат насилниците.

Ваквите напади врз ЛГБТ заедницата беа осудени и од дипломатскиот кор во земјава. Амбасадорите неколкупати нагласија дека ова не смее да помине несанкционирано од правниот систем.

ЌЕ ГИ ПРОТНАТ ЛИ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ?

Колку луѓето од ЛГБТ заедницата се трн во очите на власта покажува неколкугодишната битка на претставниците на владејачките партии во собраниските клупи да ги протнат уставните измени во кои бракот се дефинира единствено како заедница меѓу еден маж и една жена. Веќе неколку години со ред „вмровците“ се трудат своите ставови да ги наметнат на другите политички партии, но често и на граѓаните, играјќи на картата на традиционалните вредности, семејството и наталитетот.

Досега говорите и убедувањата на владините министри и пратеници на оваа тема не успеаја да поминат, но тоа не значи дека нема да се случи сега, откако левата страна од Парламентот е празна, што остава простор партијата на власт без проблем да штанца нови закони. Но, проблемот сега е во тоа што уставното регулирање на бракот со амандманите се проширува и за вонбрачната заедница, што е преседан, кој не е во согласност со стандардите на земјите-членки на ЕУ. На тој начин, вонбрачната заедница станува уставна категорија. Со дефиниција иста како и бракот, односно заедница единствено меѓу еден маж и една жена, вонбрачната заедница ќе влезе во највисокиот правен акт во државата.

Предлогот за измените на Уставот стигнаа до последното скалило, пред изгласување, но ги сопнаа негативните оценки од Венецијанската комисија:

Информирани сме дека во законодавството веќе постои идентична дефиниција за бракот. Според тоа, од правна гледна точка се чини дека подигнувањето на оваа дефиниција на уставни начела е непотребно – порачуваат од Комисијата.

Исто така, од таму објаснуваат дека кога државата воведува одредби со кои се дефинираат вонбрачните заедници, потребно е да даде многу сериозни причини зошто да не им даде пристап до статусот вонбрачна заедница на истополовите двојки.

Не беа понудени никакви сериозни аргументи зошто двојките од ист пол не заслужуваат одреден вид правно признавање (различни од целосно признатиот статус на брачните двојки) – порачува Венецијанската комисија.

По забелешките на комисијата, Владата ретерираше со изјава на министерот за правда Аднан Јашари дека ќе се повлече формулацијата за регулирање на вонбрачната заедница од уставните амандмани, но дека ќе има нов закон кој ќе ги опфати и овие прашања. Минатата недела, премиерот Груевски имаше и средба со највисоките претставници на ЕУ во Брисел, по која изјави дека ги приближиле ставовите во врска со контроверзните решенија од уставните амандмани.

Како и да е, останува нејасно дали со уставните измени за брачната заедница, или подоцна со закон, власта сериозно мисли дека може да го негира постоењето на ЛГБТ заедницата? Дали со дефинирањето на вонбрачната заедница ќе исчезнат овие луѓе и како треба да се постапи кон една ваква тенденција на власта? Зошто се интервенира во слободите и правата на човекот, посебно ако се знае дека во Македонија никој не побарал ниту истополов брак, а уште помалку посвојување деца?

Што е уште почудно, на ваквиот став на „вмровците“ се спротивстави и нивниот долгогодишен коалициски партнер Лилјана Поповска од ДОМ. Таа тврди дека со додавката „вонбрачна заедница и партнерство“, амандманот стана проблематичен и неприфатлив.

Се навлезе во приватната сфера на граѓаните, што е недозволиво според меѓународните конвенции за почитување и заштита на човековите слободи и права. Како може државата да се меша во приватниот живот на луѓето и да им ѕирка во домовите?  – прашуваше  Поповска на собраниската седница.

Според неа, на тој начин нема само ЛГБТ-луѓето да бидат оштетени, туку и други граѓани, кои од различни лични причини се здружиле во заедница.

Ако е дозволено само хетеросексуално партнерство и заедница, тогаш се изведува заклучок дека сѐ друго е забрането. А она што од државата е забрането, таа може да го гони. Се поставува прашањето: дали државата има намера да ги гони ЛГБТ-луѓето? Поради која причина и со која цел? – истакна на крајот на септември Поповска.

На уставните измени предложени од владата, остро се спротивставија од коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници. Според нив, овие измени се недемократски и само ќе ја зацврстат хомофобијата и насилството во земјава.

Меѓутоа, луѓето од ЛГБТ заедницата не беа поштедени од навреди и понижувања и лани, кога власта не успеа да ги протне уставните измени за дефинирање на бракот меѓу еден маж и една жена.

– Ние сме во опасност кога е во прашање геј-популацијата. Тоа не е омраза, тоа за мене е болест, а вие одете си во чекор со модата. За време на социјализмот тоа беше казнива категорија, и тоа за мене беше исправно. Само внимавајте кога одите, мора да одите строго покрај ѕид – тврдеше Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка на една од собраниските расправи.

Во тој период, по излагањето на народниот избраник следуваше гласна смеа и аплаузи од дел од парламентарното мнозинство, задоволни од тоа што Милетиќ, луѓето од ЛГБТ заедницата ги направил болни. Па, затоа не е ни чудно што се случуваат насилни напади, кога тие што седнале во собраниските клупи избрани од народот се служат со таков речник и повикуваат на насилство!

АНДОНОВСКИ: АЛЕКСАНДАР Е ПОЛИГАМЕН И ГЕЈ

Споменикот „Воинот на коњ“ гордо стои исправен на плоштадот во метрополата и приврзаниците на владејачката партија во него гледаат свој идол. ВМРО-ДПМНЕ го величи постојано и ги учи децата дека се негови потомци, додека од друга страна и ЛГБТ заедницата го обожава Александар Македонски, кој според нив е најголемата светска геј и бисексуална икона.

Кочо Андоновски од Коалицијата за заштита на маргинализирани групи во изјава за „Фокус“ вели дека не може да ја сфати оваа контрадикторна акција и хипокризија на демохристијаните.

Александар Македонски прво бил полигамен. Како што ги освојува другите држави, за да ја зацврсти својата власт и моќ, тој во секоја земја се женел со принцеза. Уште од тука можеме да кажеме дека тоа е спротивно на традиционалните вредности на кои постојано алудира власта – тврди Андоновски.

Тој додава дека со текот на времето почнала врската меѓу Александар и неговиот генерал Хефастион, кои може да се каже дека се меѓу првите геј-ликови.

Тој станува симбол на светска геј-икона. Власта слави човек кој е полигамен маж, кој имал жена во речиси секоја држава, а дури има информации дека во еден ден двапати се женел. Тие слават маж кој е најпознат по љубовта со својот генерал, а постојано продаваат морал и етика. Власта поубаво ги знае работите од нас. Кое лицемерие е тоа? – тврди Андоновски.

Ова не е првпат ЛГБТ–активистот да даде таква изјава. Тој неодамна истакна дека конечно Скопје ќе стане најголемиот мал град.

Со најголемата збирка на споменици на квадратен метар, со најголемиот кич, анахрона архитектура и со најголемиот споменик на најголемата бисексуална и геј-икона Александар Велики. Ќе имаме сѐ најголемо. Така и Македонија ќе стане најголемата мала држава во светот. Сосе најголеми предавници, најголеми патриоти, најголеми педери, најголеми мажи, најголеми жени-машини за раѓање деца – тврдеше Андоновски.

Сепак, и на светско ниво се плетат разни приказни на оваа тема. Дури, на интернет може да се најде страница на која пишува за „љубовниците на Александар Македонски“. Сепак, тврдењата и на едните и на другите не може никој да ги докаже. Сѐ останува на база на шпекулација.

ЛГБТ заедницата со години води борба да докаже дека тие не се ништо поразлични од другите луѓе и постојано бараат начин како да го пронајдат своето место под сонцето. Дури и извештаите на европските организации ја ставаат Македонија на дното за почитувањето на правата на овие луѓе. Земјата доби оценка од 13 отсто според индексот на Илга-Европа, што ги рангира земјите од 0 до 100 проценти во годишниот извештај, кој ја оценува националната легислатива и политиката на човекови права кон ЛГБТ луѓето во Европа.

Оценката ја става Македонија на дното во Европа, заедно со Азербејџан, Ерменија и Русија, Монако и со Молдавија, а пред земјава на табелата се наоѓаат сите балкански земји, па дури и Косово со оценка од 14 отсто. На Балканот најмногу се почитуваат правата на ЛГБТ заедницата во Хрватска – 48 проценти, а високо котира и Албанија со 38 отсто, потоа е Црна Гора со 27, Србија со 25 и Босна и Херцеговина со 20 отсто.

За иронијата да биде поголема, пред неколку месеци, додека ЛГБТИ заедницата на 15 мај го одбележуваше Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, членови на владејачката партија го одбележуваа 15 мај – Светскиот ден на семејството, на иста локација пред Школка во Градски парк.

Ова доволно кажува. Сепак, едно мора да сфатиме, ако сме земја која претендира да стане членка на Европската унија, тогаш треба да се почитуваат различностите. И, што е најважно, секој има право на избор, како ќе живее и со кого ќе живее. Неговиот живот е негово право. Барем, сѐ уште така пишува во Уставот.

Рамка:

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ФАН-СТРАНИЦИТЕ НА МИЛЕНКО И НА ЈАНКО

ЛГБТ Центарот за поддршка, пред неколку дена најави кривични пријави против фан-страниците на Фејсбук на Јанко Илковски и на Миленко Неделковски поради, како што велат од таму, предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост, ширење дискриминација, насилство и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.

Неделковски на својот фејсбук-профил веднаш по нападот во кафулето „Дамар“ напиша:

– На денот на Македонската револуционерна борба, денот на мажиштата од Македонија, денот на оние со бркови, вуна на градите, влакна по нозете и на ташаците, денот на надрвените, храбрите, непоколебливите и оние што се саможртвувале за идните поколенија (за нас), да се организира прослава на депилирани носачи на вазелинче во задниот џеб е ПЕДЕРСКА РАБОТА. Сакале да провоцираат, добиле реакција – се наведува во неговиот фејсбук-статус.

Од ЛГБТ заедницата реагираат дека е контроверзно како самонаречените демохристијани се најдоа на истата страна со своите крвни непријатели, поддржувачите на Исламската држава во погромот против сексуално различните. Но, и тоа е дел од нашите домашни апсурди!

Рамкa:

Андон Чибишев

МОЖЕ ДА ИМААТ 15 ЖЕНИ КАКО СУЛТАН СУЛЕЈМАН, АМА ЈАС НЕ ЈА ПОДДРЖУВАМ ИНИЦИЈАТИВАТА

За разлика од лекарите во светот, дел од лекарската јавност во земјава дава целосна поддршка на уставните измени во кои се дефинира бракот како заедница меѓу еден маж и една жена. Доктор Андон Чибишев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека  бракот е стабилна и емоционална заедница, најважната за правилен развој на децата и дека не треба да се дозволи со неговиот статус да се изедначат и друг вид заедници.
Со уставните измени ќе се спречи редефинирање на брачната заедница и нејзина маргинализација. Немам против некој да има и 15 жени како султан Сулејман, но тоа не значи дека ќе дадам поддршка на таква иницијатива – тврди Чибишев.

Рамка:

ЛГБТ ЗАЕДНИЦАТА СЕ СОЛИДАРИЗИРАШЕ СО „ФОКУС“

ЛГБТ заедницата и Хелсиншкиот комитет пред две недели организираа солидарна вечер за „Фокус“, на која се собираа пари за да се плати казната од 9.300 евра на шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков. Тие беа само дел од луѓето и новинарите кои помогнаа да се собере целата сума.

Поврзани новости