Работници од Непал и Пакистан на пат кон Македонија

by Fokus

Агенцијата за вработување на Македонија годинава дала позитивни мислења за издавање работна дозвола за странец до Министерството за внатрешни работи за две лица од Непал, 10 лица од Пакистан, информираат од Агенцијата. Од таму додаваат дека за сега нема поднесени барања за Бангладеш.

Владата пред само неколку недели најави дека дефицитот на работници во градежниот, угостителскиот и текстилниот сектор ќе го решава со увоз на работници. Меѓу земјите од кои ќе се бараат работници беа споменати овие три и Индонезија. Во сите овие земји минималната плата е околу 100 евра.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, неодамна информираше дека од почетокот на годинава преку 3.000 странски граѓани добиле дозвола да работат во земјава, а годишната квота, како што посочи е 5.000. Според него, земјава планира „увоз“ на работна сила, а најмногу кадар недостига во туризмот и градежништвото.

-На ваков начин, со отворање на нови работни места, со преквалификација и низ процесот на дуално образование ќе се подобри состојбата со пазарот на трудот и недостигот од работна сила. Долгорочното решение е доквалификација, реквалификација на нашите луѓе кои живеат тука и да се стекнат со нови вештини кои им се потребни на компаниите, вели Битиќи, според кого увозот на работна сила не е долготрајно решение, а државата прави напори да ја подобри состојбата со недостигот на работници.

Од стопанските комори бараат либерализација на пазарот на трудот со цел да се овозможи увоз на работна сила. Од Организацијата на работодавачи порачуваат дека размислуваат да „увезат“ работна сила од земјите кои имаат пониска просечна плата од нашата.

Поврзани новости