Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски денеска соопшти дека е изготвен предлог-концептот за новиот закон за високо образование, кој со мали забелешки бил прифатен и од Министерството за образование и наука.
-Тоа ќе биде закон којшто ќе се базира на универзитетска автономија, финансиска автономија, автономија во наставните програми и некои други елементи. Се разбира дека финалната верзија ќе си го каже своето, но ова како што е поставен концептот сметам дека сите треба да бидат задоволни, рече Стојковски.
Но, од Студентскиот пленум рекоа дека ќе ја бојкотираат секоја одлука на работната група на УКИМ и МОН, бидејќи тие ја напуштија и сега таа не ги претставува сите засегнати страни.
-Недозволиво е Ректорот да го толерира однесувањето на Министерството, особено земајќи предвид дека работната група требаше првата фаза да ја заврши пред два месеци, а тоа не се случи поради одолговлекувањето и арогантниот однос на МОН. Поради тоа, Студентски пленум ја бојкотира секоја одлука на работната група УКИМ-МОН, стои во соопштението на Студентскиот пленум.
Пленумот ги напушти преговорите поради односот од страна на МОН, кој уште од самиот почеток и најраната фаза на подготовка на законот, како што велат тие, не покажал ниту добра волја, ниту кооперативен однос, туку намерно го одолговлекувал процесот.