Работиме по 12-14 часа, а не ни е досплатена ни ноемвриската плата, рекоа на протестот во ЗК „Пелагонија“

by Fokus

Вработените во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ на денешниот мирен протест се пожалија дека работат 12 до 14 часа на ден, а до 1 февруари не им се исплатени дел од ноемвриската и целите декемвриска и јануарска плата, објави СДК. Тие побараа итна исплата, во спротивно, се заканија дека в среда ќе стапат во генерален штрајк.

„Ова е предупредувачки протест за газдите да знаат дека им даваме рок до среда. Ако до тогаш не нѐ исплатат, ќе стапиме во вистински штрајк. Тоа значи непочитување на работните обврски, вработените нема да ги молзат кравите на фармите, нема да ја хранат стоката, а ќе запре и производството на струја во централите“, рече Менде Милевски, новоизбран претседател на синдикатот во ЗК „Пелагонија“.

Се пожалија и дека три години немаат земено К-15, а не им даваат ни општествена исхрана.

„Не ни даваат општествена исхрана, а нѐ тераат да работиме по 12 или 14 часа. Зарем да јадеме на отворен простор на плус или минус 40 степени? Ние овде во просек сме по 60 години, не сме деца да си играат со нас. Инаку, годинава имаше многу големо производство. Од 12.000 до 14.000 хектари посеани со пченка, 10 тони просек по хектар, тоа е многу голема количина и да немало пари за вработените. Нека дојдат газдите да кажат што се случува“, рече работникот Димче Срџански.

Павле Цветановски, финансов директор, рече дека на околу 500 работници денеска ќе им се исплатат дел од ноемвриската и целата декемвриска плата.

ФОТО: СДК

Поврзани новости