Скопскиот апелациски суд делумно ја потврди првостепената пресуда на граѓанскиот суд во корист на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, која ги тужеше државата и Општина Карпош поради тоа што купила земјиште со намена за изградба на бензиска станица, меѓутоа никогаш не ја изгради, зашто урбанистичкиот план за овој дел беше поништен, а не биле исполнети ниту критериумите за безбедност.
Всушност, пресудата до која дојде „Фокус“ покажува дека скопска апелација ја потврдува првостепената пресуда дека нафтената компанија на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски, треба да ги добие назад оние околу 2 и пол милиони евра што ги плати за оттуѓување на градежно земјиште сосе данок на промет, за локација во близина на хотелот Александар Палас и салата Борис Трајковски.
Воедно, второстепениот суд го потврдува и делот од првостепената пресуда дека на нафтената компанија треба да и се исплатат 110 илјади евра по основ на надомест на штета за раскинување на овој договор, но не ја потврдува пресудата во делот за исплата на 6,4 милиони евра по основ на таканаречена испуштена корист.
Односно, апелација го преиначува овој дел од пресудата на понискиот суд, одлучувајќи државата и општината на компанијата да и исплатат 1,76 милиони евра по основ на испуштена корист, со камата од 8 наместо од 10 проценти, додека поголемото тужбено барање со разлика од 4,6 милиони евра се отфрла како неосновано.
„Поголемото барање тужените солидарно да му ја надоместат на тужителот штетата по основ на испуштена корист во износ од 285.718.222 денари за уште 14 години и 6 месеци, односно за разликата од досудениот износ од 108.375,878 денари до побараниот износ од 394.094.100 денари, овој суд го одби како неосновано бидејќи доколку се тргне од фактот дека изгубената добивка треба да биде разумна и објективна, периодот од 20 години е предолг, неразумен и необјективен“, стои во пресудата.
Како што веќе пишуваше „Фокус“, „Пуцко Петрол“ на јавна лицитација одржана во 2016 година купила плац за околу 2 и пол милиони евра на лицитација со уште 5 компании. Тогаш на сила бил Детален урбанистички план кој на таа локација предвидувал изградба на помала бензинска станица, со две пумпи за точење на горива.
Впрочем, продажбата на земјиштето се врши за време на претходниот мандат на Стевче Јакимовски, но по промената на локалната власт, кога нов градоначалник на локалните избори во 2017 година стана Стефан Богоев, Уставниот суд го укина овој ДУП, бидејќи, според Судот, бил донесен во незаконска постапка.
На тој начин, компанијата го загуби законското право (секој урбанистички план има сила на закон) да гради бензинска станица на купениот имот, по што поднела тужба. Така, „Пуцко Петрол“ ја добил судската постапка, но оваа првостепена пресуда паднала на апелација по жалба на Државното правобранителство, па предметот бил вратен на повторно одлучување.
Соочена со опасност дека ќе треба да плаќа големо обесштетување, Општина Карпош уште за време на мандатот на Богоев, отпочна постапка за носење ДУП само за делот за плацот на „Пуцко Петрол“, со цел да се врати намената за изградба на бензинска станица. Овој план не се однесувал за цела четврт, како што бил опфатот на претходниот укинат план, туку за еден блок.
Па, оваа постапка беше речиси целосно завршена пред Јакимоски да се врати на чело на локалната самоуправа. Откако заврши процедурата со добивање на потребната согласност од страна Град Скопје, по многу препукувања, сите советници во Карпош, освен независните и оние на Левица, ја потврдија одлуката за старо-нова маркичка за наведениот блок.
Тоа се случува на 3 март, а само еден ден подоцна е донесена и јавно објавена судска пресуда на скопскиот граѓански суд, со која „Пуцко Петрол“ по вторпат го добива спорот против општината и државата за наведената парцела.
На тој начин, основниот граѓански суд ѝ пресудува на компанијата обесштетување, кое во себе ја содржи сумата што компанијата ја платила за земјиштето од над 2 милиони евра, сума за испуштена корист од 6,5 милиони евра, како и камати.
Но, државата преку Државното правобранителство и Општина Карпош повторно ја обжалуваат оваа пресуда, а апелацискиот суд сега донел пресуда, според која првостепената пресуда делумно се потврдува.
Покрај тоа што правосилната пресуда значи дека компанијата ќе си ги врати парите од 2 и пол милиони евра за откуп на земјиштето, дека ќе добие 110 илјади евра за надомест на штета, како и дополнителни 1,7 милиони евра за испуштена корист (од побарани и првостепено досудени 6 и пол милиони евра), со пресудата се констатира уште еден факт.
Имено, купропродажбата не смеела да се реализира од безбедносни причини, бидејќи предметната локација е на помало растојание од 5 метри од гасоводот кој паралелно поминува. Оттука, се наведува во пресудата, локацијата не ни смеела да биде продадена.
„Потврда за причината за неможност од остварување на целта на Договорот е донесувањето на две правосилни одлуки од МВР – Отсек за оружје, експлозивни и опасни материи, со кои се одбива да се даде согласност за изградба на бензинската пумпна станица, бидејќи локацијата не ги исполнува потребните безбедносни услови согласно Законот за складирање и заштита од запални течност и гасови, како и од останатите технички прописи за наменски објект како што е бензинската пумпна станица.
Недавањето на согласност од МВР и подоцна укинувањето на ДУП-от се околности, настапени исклучиво по вина на тужените бидејќи истите презеле одговорност и прифатиле обврски и гаранции дека со склучениот Договор, на определена градежна парцела или локација предвидена со ДУП-от, ќе може тужителот да ја изгради посакуваната бензиска пумпна станица и ќе ја реализира предвидената и очекувана цел или заработувачката од истата“, стои во пресудата.
Инаку, Антикорупциската комисија барала информации и документација во врска со продажбата на парцелата, но, како што истакнуваат од Општина Карпош, вистинската истрага треба да се води во правец како нафтената компанија добива битки во овој судски процес, кој, посочуваат од таму, по правосилната пресуда на апелација сега се сели на Врховниот суд.
Влатко Стојановски