Плац за бензинска на Пуцко ги „скара“ Јакимовски и Арсовска

Пуцко Петрол го купил земјиштето со маркица за бензинска пумпа, но планот бил поништен од Уставниот суд, па нафтената компанија по судски пат бара 15 милиони евра.

by Фокус 23:34
23:34

Апелот на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски до новата скопска градоначалничка Данела Арсовска, Град Скопје да даде согласност за Детален урбанистички план, бидејќи во спротивно Општина Карпош се соочува со опасност да плати оштета од 15 милиони евра, се однесува на судски спор покренат од страна на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, дознава Фокус.

Според информации од Општина Карпош, оваа компанија во сопственост на Асмир Јахоски, син на пратеникот од редовите на ДУИ Ислаил Јахоски, на јавна лицитација одржана во 2016 година купила плац покрај булевар Осми Септември, во близина на хотелот Александар Палас и спортскиот комплекс Борис Трајковски.

Притоа, во моментот кога компанијата го купила земјиштето за околу 2 и пол милиони евра на наддавање со уште 5 компании, на сила бил Детален урбанистички план кој на таа локација предвидувал изградба на помала бензинска станица, со две пумпи за точење на горива.

Впрочем, продажбата на земјиштето се врши за време на претходниот мандат на Јакимовски, но по промената на локалната власт, кога нов градоначалник на локалните избори во 2017 година стана Сфетан Богоев, Уставниот суд го укина овој ДУП, бидејќи, според Судот, бил донесен во незаконска постапка.

На тој начин, компанијата го загуби законското право (секој урбанистички план има сила на закон) да гради бензинска станица на купениот имот, по што поднела тужба со која првичните 2 и пол милиони евра за купување на земјиштето пораснале до 15 милиони евра, сосе камати и побарување по основ на неостварена добивка.

КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ?

Како што вели Јакимовски за Фокус, Пуцко Петрол веќе еднаш добил првостепена судска пресуда во своја корист, но, објаснува тој, по жалба на Државното правобранителство предметот е вратен на повторно одлучување.

Државниот правобранител беше кај мене и кажа дека под итно треба да се усвои ДУП-от, по што истата локација правобранителството на суд ќе и ја понуди на компанијата. Ако одбие, ќе нема право на оштета – вели Јакимовски, додавајќи дека правобранителот периодов праќал дописи до Општина Карпош и Град Скопје, па дури и предочува на евентуална кривична одговорност.

Инаку, тој пред неколку дена јавно ја прозва новата скопска градоначалничка Арсовска, истакнувајќи дека 45 дена го моли Градот да назначи Комисија за урбанизам, за да го одобри планот за кој неговата општина е тужена за побарување од 15 милиони евра оштета.

Арсовска, пак, му одговори дека тој врши медиумски и институционален притисок врз Градот за да даде позитивно мислење на одреден урбанистички план, наместо, како што потенцираат, вината да ја бара кај неговиот претходник.

Градот Скопје не учествувал во постапката за поништување на претходниот урбанистички план во Општина Карпош, за да преземе каква било одговорност за каква било штета настаната поради суспензија на претходен урбанистички план, ниту учествувал во постапката за продажба на земјиштето“, возвратија од Градот.

НОВ ДУП

Поточно, судскиот процес против Општина Карпош е покренат кога градоначалник беше Богоев, во чие време, всушност, почнала постапка за усвојување на нов урбанистички план.

Меѓутоа, овој план не се однесувал за цела четврт, како што бил опфатот на претходниот укинат план од страна на Уставниот суд, туку за еден блок, што го опфаќал само плацот што Пуцко Петрол го купил во време кога имало важечки план со маркица за бензиска пумпа.

Така, во изминатиов период овој план ги минал сите законски фази, но заглавил во Град Скопје, кој првично дал забелешки на планот.

Откако овие забелешки се поправени, планот бил вратен во Град Скопје непосредно пред да се одржат изминатите избори, но до денес нема ниту одговор со нови забелешки, ниту позитивно мислење, за да може да оди на следна фаза во Министерство за транспорт и врски и на крај да се врати на гласање пред општинскиот совет.

Иако Законот за просторно и урбанистичко планирање предвидува дека Градот мора во рок од 5 дена да се изјасни, сепак, тоа не е направено, бидејќи по промената на локалната самоуправа суспендирана е старата комисија за урбанизам, а се уште не е назначена нова.

Влатко Стојановски

Поврзани новости