Во наредните шест месеци електричен автобус ќе сообраќа на линијата со број 15 од Карпош до Ново Лисиче. Станиците за полнење ќе бидат поставени на последните станици на оваа линија. Целта на овој проект е да се види ефектот врз животната средина и заштедата на средства, со цел да може да се планира модернизација на градскиот сообраќај.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната промоција на автобусот рече дека ова е одлична можност што ќе го збогати градот со ново искуство, што ќе може да се користи во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз.
– Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење и има нула емисија на штетни гасови, рече градоначалникот Шилегов.
Потсети дека годинава е предвиден буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари, како и оти во Скопје веќе сообраќаат два екоавтобуси на гас, на линијата број 5 и на линијата број 2.
Со пробното користење на овој тип автобус Градот ќе може да процени дали тоа би било вистинско решение за јавниот градски превоз.
Станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и Карпош 4 се поставени со помош на ЕВН Македонија.
За пробното користење на овој електричен автобус градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и генералниот директор на компанијата Chariot Motors, Милен Милев, на 16 февруари потпишаа договор. По истекот на пробниот период овој електричен автобус ќе биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат.