Силна отсутност на родителите, училиштето и општеството во насока на препознавање на „повиците за помош“ кај детето, воочува Радмила Живановиќ, лиценциран психолог и психотерапевт со долгогодишно искуство во работа со адолесценти и нивните родители и семејства.
И по повеќе од една недела од трагичниот масакр што се случи во Белград, кога тринаесетгодишно дете уби осум деца и чуварот во училиштето, се уште се прават анализи кои се причините поради кои тринаесетгодишникот изврши ваков масакр и дали можел да се спречи.
-Кога и родителите, училиштето, па и општеството промовираат модели кои не ги поддржуваат вредностите на солидарност, еднаквост, почитување на различностите, тогаш н езнам како децата и младите би знаеле поинаку. Кога и родителите и училиштето па и општеството единствено гледаат во децата на совршени производи/машини во постојана потреба на меинстримизација наспроти единственост, автентичност и посебност, тогаш навистина не би знаела како децата и младите би можеле поинаку. Кога најголем простор во медиумите и социјалните мрежи заземаат модели и однесувања кои ја величат безчувствителноста и негрижата за другите, кога најголемо внимание се посветува на сензационализмот и кој поголема глупост ќе направи и покаже, тогаш не знам како децата и младите би можеле поинаку, вели Живановиќ за „Фокус“.
НЕЗАИНТЕРЕСИРАНОСТ ЗА СТРАДАЊАТА
Моментално, според неа, постои една силна незаинтересираност на возрасниот свет за преживувањата и страдањата на младите, како и една силна исплашеност во родителската моќ и испуштање на децата на светот да ги воспитува и расте.
Таа ниска самодоверба најчесто преферира готови модели на справување, кои се или избегнување, или надмоќ. Живановиќ вели дека постои силен трансгенерациски пренос на моделите на однесување со цел да се прежививеат траумите кои не се само од денес.
-Поточно ја преживуваме и се справуваме со културата на страдање, со големо игнорирање и без потреба да ги решиме тие товари. Како велат она што ние неуспеваме да го решеме, ќе го решаваат нашите деца, вели таа.
Според неа кога образованието е одраз на партиските политики, тогаш не бираме квалитет, бираме партија.
-Оние настаници кои се навистина пример, повеќе страдаат отколку да се промовираат како модели. Стручните служби не се креирани како резултат на искуство, и се административни единици. Училиштето и домовите престануваат да бидат безбедни места. Ако е така, тогаш, светот е небезбедно место, и единствено јас треба да се штитам од него. Довербата е на многу ниско ниво. Кога јас не можам да се доверам на моите најблиски за сите маки и слабости, тогаш на кој треба да го направам тоа?, додава таа.
Ладнокрвноста со која детето ги изврши убиствата за психологот Живановиќ може да биде силно вриење и одлевање на бесот и фрустрацијата кон надвор, без грижа на совест.
ОДЛЕВАЊЕ НА БЕСОТ И ФРУСТРАЦИЈАТА
– Значи или ќе одлее кон надвор, или кон внатре. Површината е само ладнокрвна, додека внатрешноста и силно зовриена и акумулирана, но забранета и неисполнета.
Таа ладнокрвност може да значи и силна отапеност и деперсонализација и дереализација поради одредени преживеани трауматски загуби, т.н. посттрауматско стрес-растројство, а, исто така, може да е и актуализирана манифестација на одредена карактеропатија, во овој случај силно тригерирана од хормоналните (внатрешните) неврофизиолошки процеси на пубертетот, но и од срединските влијанија, како и од значајните и релевантни модели на однесување – објаснува таа.
Живановиќ вели дека ова е неопходна можност, родителите без осуда и без наметнување вина да разговараат со децата за нивното однесување на социјалните мрежи, за она што тие сметаат дека можеби ги загрозува во онлајн-просторот или нешто со кое не можат да се снајдат.
НЕ Е СЀ ПАТОЛОШКО
– Запаметете, ние како генерација не сме експерти за онлајн-светот, начинот на кој можеме да влеземе во нивниот онлајн-свет е преку почит, со поставување граници (колку време е доволно, што е дозволено, што не е дозволено и сл. ) и простор за тие да дадат некои свои решенија на одредени проблеми што се случуваат мошне блиску до нив.
Најзначајно е да се разговара за реперкусиите на насилството врз раѓањето на насилство, на улогата на опсерверите на насилство, кои најчесто остануваат тивки, а сепак страдаат, на последиците на онлајн-светот врз реалното функционирање, и на договарање за кој е оној возрасен со кој се чувствуваат доволно блиски да се доверат и кој може да им помогне и да ги заштити – порачува таа.
Живановиќ анализира дека не секоја повлеченост е патолошка, и не секоја темпераментност е агресивна со намера да повреди.
-Сепак кога не постои контакт со родителите, кога интуитивно доживуваме дека нашето дете преживува нешто треба да се загрижиме, и да обезбедиме простор за разговор. Доколку не го обезбедиме тоа, постојат стручни психолози и психотерапевти кои ќе го искреираат тој простор за семејството, без страв и срам дека „на нашето дете нешто му фали“ и дека „потфрливме како родители“, порачува таа.
Ф.Ф.С.
Фото: Ванчо Џамбаски
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.