Првиот вицепремиер и собранискиот спикер најмногу „изгореа“ во внатрепартиската војна во ДУИ!

Првиот вицепремиер Артан Груби остана без позицијата организациски секретар, која му припадна на Блерим Беџети, додека предлогот на спикерот Талат Џафери за избор на уште еден потпретседател од гостиварскиот огранок доби само 9 од 120 гласа, а воедно предизвика силна реакција од Муса Џафери.

by Фокус

Првиот вицепремиер и Артан Груби и собранискиот спикер Талат Џафери се сметаат за најголеми, условно кажано, губитници во рамки на последните внатрепартиски разврски во ДУИ, каде викендов, под притисок на таканаречената „огнена група“, се избра ново централно претседателство, а се пополнија и секретарските и потпретседателските функции.

Иако партискиот портпарол Бујар Османи вчера рече дека Груби е унапреден како член на централното претседателство, додека денеска првиот вицепремиер изјави дека е почестен што за првпат влегува во извршното партиско тело, сепак, тој остана без позицијата организациски секретар.

Како шеф на кабинет на партискиот лидер Али Ахмети, Груби имаше целосна слобода и одврзани раце да се занимава со организациски, оперативни, па и кадровски работи, во ситуација кога цели 3 година не беа екипирани партиските органи, ниту се избраа партиски функционери.

Освен што нов организациски секретар стана градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, „огнените“ издејствуваа блиски луѓе на Груби да не бидат избрани за потпретседатели. Имено, првични предложи беа Арта Биљали Зендели и Валдет Џафери, но тие подоцна отпаднаа од игра и на нивно место дојдоа Арбана Пашоли и Бајрам Реџепи.

Единствен поранешен потпретседател кој остана на функцијата е пратеникот Изет Меџити. За разлика од него, поранешниот гостиварски градоначалник Невзат Бејта ја загуби потпретседателската функција, меѓутоа остана дел од централното претседателство, откако, исто така, се потпиша на иницијативата за промени во ДУИ.

Токму поради Бејта, според неофицијални информации, најмногу се должи револтот на претседателот на собранието Џафери, кој на генералниот совет побара да се избере уште еден потпретседател од гостиварскиот огранок. Арно ама, за тоа поддршка само од 9 од вкупно 120 членови на советот.

Притоа, најсилно реагираше поранешниот вицепремиер и министер Муса Џафери, кој по политичките промени ја загуби моќта што директно ја црпеше од долгогодишното пријателство со Ахмети. Според Џафери, Гостивар нема зошто да бара партиски потпретседател, кога го има претседателот на Собранието, што се смета за втора функција во државата хиерархија.

После тоа, Џафери демонстративно ја напушти седницата, истакнувајќи дека тој е претседател на сите Албанци, а не само на жителите на Гостивар и неговото родно Форино. Но, другиот Џафери сега најавува дека надзорниот одбор дополнително ќе го испитува членувањето на спикерот во партиските органи на ДУИ.

Паралелно со тоа, „огнената група“ порачува дека не се откажува од нивната цел Груби да се повлече и од владината функција, што навестува продолжување на оваа внатрепартиска војна во ДУИ. Во досегашните битки, се чини дека најмногу веќе „настрада“ токму првиот вицепремиер, заедно со вториот човек во државата – Џафери.

Влатко Стојановски

Поврзани новости