Прва жртва од корона вирус во ЈП Национални Шуми

by Fokus

Корона вирусот кој се прошири помеѓу вработени во ЈП Национални Шуми, ја зеде првата жртва. Според денешната информација од МЗ, од вирусот починал велешанец на 58-годишна возраст, за кого од Центар за Јавно здравје Велес ни потврдија дека е еден од вработените во ШС Бабуна.

Официјално, првиот позитивен случај во шумското стопанство беше потврден на 20-ти март. Инфициран беше висок функционер во претпријатието, од Кавадарци. Позитивна беше и неговата сопруга. Тие се веќе пуштени на домашно лекување по два негативни теста.

Потоа, на 25-ти март пристигнале позитивните резултати уште на три лица од Велес, директорката на велешкото шумско стопанство, возачот во претпријатието и нејзиниот сопруг.

Директорката за ,,Фокус” појасни дека дирекцијата им била сместена во Скопје, и дека најверојатно вирусот го добила околу 12-ти или 13-ти март, кога работно била во Скопје и се сретнала со функционерот од Кавадарци. Таа и возачот се пуштени на домашно лекување по два негативни теста и се во добра состојба.

Веќе на 29-ти март од МЗ информираа дека уште три лица од Велес се позитивни, и тоа една жена и двајца мажи, од кои две лица биле вработени во ЈП Национални Шуми, а едното лице било близок роднина. Од Центар за јавно здравје Велес уште истиот ден информираа дека едно од лицата поради влошена здравствена состојба итно било пренесено во Скопје.

Речиси сите вработени во претпријатието беа сместени во самоизолација од 14 дена по откривањето на случаевите. Директорката информираше дека администрацијата продолжила да работи од дома, а сечата била активна, односно дека ќе немало криза за дрва.

На тврдењата од страна на вработени во претпријатието, дека и неколку лица од Скопје вработени во ЈП Национални Шуми имаат корона вирус, не добивме одговор од надлежните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости