Георгиевски: Ако сега земеме една милијарда евра, таа после кризата ќе вреди многу помалку

by fokus

Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски во денешното гостување на ТВ 24 даде свое мислење како Македонија треба да се постави во однос на економијата за време на кризата. Тој смета дека задолжувањето мора да се направи побрзо.

Исто така, вели дека треба да се искористи моментот и Македонија да ги зголеми резервите во злато и нафта.

-Во овој момент за да се добијат сите тие пари што им се потребни на државите, се печатат евра, долари, франци… После оваа криза, не можеме да немаме инфлација. Ќе имаме многу пари, а помалку продизводи што може да се купат. Во таа насока Македонија треба да се задолжи, а тоа го прави многу бавно. За да направиме мерки, треба да ги имаме парите. Освен 170 милиони долари што се извесни од ММФ, не гледам други пари.

Освен еврообврзницата, ние треба и директно да се задолжиме кај некоја банка. Тоа оди некако бавно. Факт е дека во овој момент ќе нема доволно пари, но треба да ги најдеме. Факт е дека после кризава, ќе има многу пари на светските пазари.
Ако сега земеме една милијарда евра, таа после кризата ќе вреди многу помалку, поради инфлацијата. Сакам да упатам апел до Народна банка, сите берзи паѓаат, единствено нешто што расте е златото. Тоа е пораснато 20 проценти откако почна кризата. Сметам дека Народна банка мора да го зголеми процентот на девизни резерви во злато. По кризата може да се очекува златото да порасне и 50 до 100 проценти.
Исто така, паѓа цената на нафтата. Штета е Македонија да не одвои 100-200 милиони долари за зголемување на нафтените резерви, смета Георгиевски.

Поврзани новости