Протести на „Граѓаните за Македонија“: Николае заминуваш во историјата

by Фокус

Движењето „Граѓаните за Македонија“, на 47-от ден откако е поставен Кампот на слободата пред влада, каде што се бара оставка на премиерот Никола Груевски и неговите министри, вчера го одбележа со бучава пред зградата во која живее тој.

Пред самите обраќања на дел од активистите кои учествуваа на протестот, со свирежи, тапани, бучава од кујнски прибор, стотина граѓани му порачаа уште еднаш на Груевски дека неговото време како премиер е завршено.

– Ние сме лудаци, ова што го правиме е ненормално, трошиме за чоколадо, а немаме ни за леб“ – ечеше аудио од прислушуваните разговори пред домот на премиерот.

– Кога опозицијата ги најави бомбите, Никола Груевски прво викаше дека нема криза, потоа призна дека има криза, ама велеше дека нема да има избори. На крај вика дека ќе има избори, кои тој ќе ги организира. Ние сме овде да му кажеме „Никола нема веќе избори кои ти ќе ги организираш – рече активистот Џелал Хоџиќ на протестот.

Активистката Билјана Бејкова пак, до Груевски испрати порака дека неговото место е во историјата, но пред тоа треба да одговара за сите криминали кои се слушнаа во разговорите кои ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Николае ти заминуваш на ѓубриштето во историјата, таму ти е местото. Но, заминуваш и да одговараш за сите злодела, за сите криминали кои ги направивте ти и твојата банда. Нема простување, мора да одговарате. Девете години Никола му ја исцицуваш крвта на народот, девет години ја пустошиш Македонија, девет години сеете страв и омраза, девет години не делите, не етикетирате, девет години не затварате, па и не убивате. Многу семејства зацрнивте. Никола, ние сме тука и повторно ќе доаѓаме да ти кажеме дека нема од нас спас, дојдовме по правото да имаме надеж и правда. Збогум Никола – истакна Бејкова.

Потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацевски пак, рече дека Груевски паѓал на рати, но сигурно ќе заминел во историјата.

– Потребна е преодна Влада, не за Груевски да падне а СДСМ да дојде на власт, туку за доброто на Македонија. Затоа Груевски со твоите зборови „осмели се“, прифати фер и демократски избори за доброто на земјава. Една порака до сите, а верувам малкумина кои остануваат рамнодушни на целава ситуација. Почитувани приклучете се, ако не за друго, за вашите деца и внуци, кои утре, други ден ќе пораснат, ќе читаат и ќе учас историја и ќе го сретнат овој темен период, кога Никола Груевски владееше бескрупулозно со Македонија и со право ќе не прашаат каде ние бевме и што ние правевме во тие моменти? Ние тука присутните сме на вистинската страна, со вистинските луѓе. Заедно ќе ги вратиме слободата и демократијата, ќе ја вратиме надежта на Република Македонија – рече потпретседателот на СДСМ.

На вчерашните протести, „Граѓаните за Македонија“ носеа и испринтани листови, на кои стоеја цитати од некои од највпечатливите разговори, односно содржината која министрите и функционерите во Владата ја изговараат.

 

 

Поврзани новости