Демократија по Груевски

by lali 10:22
10:22

djelalНаместени избори, нарачани интервјуа, партизирани институции, голема корупција и криминално владеење е нешто по што ќе се памти начинот на владеење на Груевски. Само во Македонија има премиер кој кога ќе биде соочен со факти вика: „Ајде на избори“, а се плаши да излезе на ТВ дуел. Такво нешто не можете да сретнете никаде во нормалните и во барем малку пристојните држави.

Секако, повиците за избори ќе траат додека е сигурен дека може да ги намести. Во ДПМНЕ, од Груевски, па сѐ до Бичиклиски, никој жив не излегува на ТВ дуел за состојбите во државава. Зошто таков страв од телевизиско соочување на аргументите, па нели сѐ цвета од нивната преродба? Зошто толкав страв на ТВ дуел да се соочат визиите како треба да изгледа Македонија.

- Advertisements -

ИДИОТСКИ ТЕЗИ ЗА ТРУЕЊЕ НА НАРОДОТ

Во дебатните емисии, тезите на ДПМНЕ ги бранат Пандов, Никовски, Мирчев и слични на нив, наместо високи функционери на партијата. Кај е Груевски да излезе на телевизиско соочување во живо? Човекот кој веќе десетта година е премиер, а претходно четири години бил и министер во владата на Георгиевски, зар е толку интелектуално инфериорен, па никако да излезе на едно телевизиско соочување?!

Избегнуваше телевизиски соочувања со Бранко Црвенковски, ги избегнуваше и со Радмила Шекеринска, а сега бега и од Зоран Заев. Може ли да се сети некој, кога Груевски последен пат имал интервју со критички новинар? Зар не треба премиер еднаш во три-четири месеци, секоја година, да гостува на вистинска дебата за ставовите, политиките и визиите што ги има за државата?

Единствено можете да го видите на нарачани интервјуа кај провладините мегафони, каде што има монолози, каде уште сам не си поставува прашања. Кај се Илија Димовски, Зоран Ставрески, Јанкуловска, Пешевски, барем некој да собереше сила и да излезеше на ТВ дуел со некој од опозицијата или некој од критичките новинари, колумнисти, аналитичари, за сѐ што ѝ се случува на Македонија?!

Сѐ им се сведува на соопштенија, вести креирани во партијата кои потоа се преземани од порталите и телевизиите со национална концесија и гостување на нарачани интервјуа.

Кога ги гледам вестите на Алфа телевизија, добивам чувство дека „новинарите“ не смеат да сменат ниту запирка во нарачаните прилози. Па, дури ниту Влатко Ѓорчев не го пуштаат веќе на телевизија да ги брани идиотските тези на груевизмот. Едноставно, со најчесто идиотски тези го трујат народот преку огромното мнозинство контролирани медиуми. Реакциите на таквите тези се уништуваат со пропагандистичкото новинарство, а многу често и не ги ни пуштаат.

ДУИ ВО ГЛУВЧЕШКА ДУПКА

До пред почеток на кризата барем овие од ДУИ, чат-пат, ќе излезеа на некоја дебата, а сега и они во глувчешка дупка, скриени ги чекаат наместените избори и нарачаните интервјуа. ДПМНЕ, ТВ-дуелите почна да ги избегнува некаде по изборите во 2008 година, а овие од ДУИ дури сега, откако опозицијата почна да ги објавува „бомбите“.

Од „бомбата“ за ДУИ видовме дека интелектуалните капацитети на Али Ахмети се слични на оние на Груевски, па затоа не видовме негови значајни ТВ дуели со опозициски политичари, критички настроени колумнисти и аналитичари, во сите овие 14 години негов политички живот.

Од дебатните емисии ги снема и Муса Џафери, Артан Груби, Бујар Османи, како и останатите кои во јавноста ги бранеа позициите на најголемата албанска партија. Ако СДСМ објави уште некоја „бомба“ за нив, а упатените велат дека имаат уште многу интересни материјали, тогаш докрај ќе ги видиме и нивните недемократски капацитети.

Целиот политички живот власта го сведе на организирање изборен инженеринг, криминално владеење и гостување на нарачани интервјуа. Според стандардите на груевизмот, ако некоја телевизија ги критикува – ќе ја купат, а ако не можат да ја купат, тогаш ќе ја затворат.

Ако не можат да ја добијат дебатата, ќе ја бојкотираат. Ако има шанси да ги изгубат изборите, тогаш ќе печатат лични карти и пасоши, па така ќе победат. Сето тоа во името на народот, нели.

Повеќе демократија и дебата од денес, во Македонија имало и во втората половина на 1980-тите години во комунистичкиот систем.

Поврзани новости