Протест против одлуката на Управниот суд за рудникот Иловица-Штука

by Frosina Fakova

Со караван од патнички моторни возила активистите против отворањето на Рудникот Иловица-Штука го искажаа својот протест. Со звуци на сирените, македонски знамиња и со мото „Управен суд ја искриви, Виш управен да ја исправи“, стотина возила поминаа низ две маршути низ градот.

Според организаторите, целта на протесното собирање е изразување на незадоволство од пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката на Второстепената владина комисија за одбивање на дозволата за работа на концесионерот „Еуромакс“.

-Ние сакаме некој да не слушне и да стави точка на сета ова работа. Ние не се закануваме, затоа што е дојдено времето. Ако некои работи не поминале со убаво и со зборување, тогаш некои работи треба да се стават на виделина и да видиме кои сме, што сме и кои работат за доброто, а кој за злото на народот. Во секоја партија има поединци кои се замешани во тоа. Тоа е јавна тајна и треба да се расчисти. Тоа зло мора да прекине, рече Стојан Велков Трн од Здружението „Здрава котлина“.

Со реакција на денешниот протест со изјава за медиумите се огласија од „Еуромакс“ и притоа истакнуваат дека Рудникот Иловица-Штука нема да ги загадува почвата, водата и воздухот.

-Денес го проследивме протестот во Струмица, каде, за жал, во континуитет се соочуваме со една група активисти кои во име на заштита на животната средина, но без издржани аргументи артикулираат обвинувања, повикуваат на омраза и осуда кон Проектот„Рудник на можности Иловица-Штука“, но и кон сите кои ја поддржуваат неговата реализација, не верувајќи во празното повторување невистини, дезинформации и апокалиптични сценарија. Го почитуваме сечие право за слободно изразување, но разочарани сме што оваа група се обидува во предизборниот период неодговорно да „се пазари“ со судбината на илјадници жители од регионот кои преку Проектот имаат можност да си обезбедат квалитетни работни позиции и значително подобрување на животниот стандард, велат од „Еуромакс ресоурцес“

Додаваат дека проектот за рударскиот комплекс „Иловица-Штука“ е развиен врз повеќегодишни истражувања за влијанието врз животната средина, применувајќи ги највисоките европски и светски стандарди. Тврдат дека оваа најголема директна странска инвестиција во државата нема да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту ќе претставува опасност за здравјето на луѓето.

Поврзани новости