Уставниот суд денеска треба да ја одржи 9-тата седница, на чиј дневен ред како втора точка е иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки.Седницата претходно на двапати беше одложена на 25 март и на 7 април поради состојбата со ширењето на коронавирусот.
Пред седницата на Уставниот суд Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард Банка „Правда за штедачи”, упати јавен апел за владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Уставот.
Во образложението на иницијативата, Здружението, наведува дека со член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител со приоритетно право за наплата во однос на сите други доверители во случај на стечај на банка, меѓутоа одредбата со која Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата од стечајната маса, е очигледно неуставна и затоа, сметаат дека Уставниот Суд треба да ја укине како таква и да ја стави вон сила.
-Преку овој собир оштетените физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка ја известуваат јавноста дека денес повторно сме овде, пред Уставниот Суд, во надеж дека конечно ќе преовлада правдата и ќе победи правната држава. Да потсетиме, членот 163 став 3 од Законот за банки претставува генератор којшто продуцира нееднаквост на правните и физичките лица депоненти на банка во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка.
Далбоко сме убедени дека Еуростандард банка пропадна поради криминални активности на неколку категории на луѓе. Според сите досегашни сознанија на оштетените штедачи, во случајот со Еуростандард банка се работи за криминал во којшто се вклучени раководните лица на Еуростандард банка, потоа Народна банка, па се до поединци и фирми каде што завршувале нaшите пари како неповратни кредити, но и други државни институции кои, иако имале обврска, не го следеле патот на парите, и со тоа практично го дозволиле криминалот. Практично, ние оштетените сме жртва на системот во којшто не функционирала правната држава.
За да бидеме правилно разбрани во нашата борба, ќе нагласиме неколку работи:
· Само пред неколку дена бевме сведоци на уверувањата од највисоката монетарна власт дека банкарскиот систем ни е стабилен и сигурен, депозитите безбедни. Се друго било само шпекулација. Да потсетиме, само два месеци пред пропаѓањето на Еуростандард банка сведоци бевме на исто такво уверување. Затоа, за нас ова уверување значи дека повторно нешто се случува, или поточно, би прашале, која банка е на ред? Имено, евидентно е дека ваквиот настап беше поради несигурноста којашто кај граѓаните и фирмите владее во финансискиот систем и банкарскиот сектор како целина. Тоа не е шпекулација, туку реалност, и таа реалност наоѓа своја поткрепа кога граѓаните и фирмите се сведоци дека отворените прашања со Еуростандард банка не се решаваат, туку напротив, формално-правно и фактички, се што се презема е на штета на граѓаните и фирмите.
Дополнително, несигурноста ја подгрева и законската регулатива според која ние сме единствена земја во Европа која нема предвидено надомест за загубените депозити на правни лица при пропаѓање на банка. Јавноста треба да знае дека ниту едно од 2.000 правни лица не доби ниту денар обештетување од Фондот за осигурување на депозити. Многу од нив се на работ од опстојување, некои можеби веќе се банкротирани, вработените оставени на улица. Тоа генерира поширока економска и социјална несигурност. Сосема спротивно од заложбите за повеќе инвестиции, странски и домашни вложувања.
· Во нашиот случај се случи ризичниот настан. Еуростандард банка сега е во стечај. Во стечајната постапка нема доволно средства за надомест на нашите пари. Во апсолутна смисла е загрозена нашата сопственост врз тие средства. Причината за ваквата состојба во стечајот е монополската позиција на Фондот за осигурување на депозити. Но, тоа денес отвора многу прашања од пошироко значење. Од една страна гледаме колку несигурна била нашата позиција во легалниот финансиски систем каде царувал криминалот, и од друга страна гледаме дека во стечајната постапка, со законската регулатива која е на наша штета, повторно ќе бидеме оштетени поради нееднаквата и дискриминирачка позиција во однос на Фондот за осигурување на депозити.
· Длабоко сме убедени дека се работи за неодржлива состојба, спротивна на Уставот и гарантираната еднаквост преку забрана на монополската положба по било кој основ. Затоа, доколку продолжи примената на законите од областа на финансискиот систем и банкарскиот сектор на ваков начин, не е далеку денот кога поради апсолутно несигурната состојба, многу граѓани – штедачи ќе ги преиспитаат своите штедни влогови во банките. Дури може да дојде и до масовно повлекување на депозити, што искрено не го посакуваме.
Генератор на промените на ваквата состојба во финансискиот систем и банкарскиот сектор гледаме во укинување или поништување на член 163 став 3 од Законот за банки. Сметаме дека со негово укинување или поништување ќе се постигне позитивен ефект не само во стечајната постапка за Еуростандард банка, туку тоа ќе предизвика потреба од темелна реформа на законодавството од областа на банкарското работење. Со тоа ќе се надмине сегашната состојба според која сите во однос на Фондот за осигурување на депозити се во подредена положба, додека правните лица не само што не се еднакви, дури трпат и дискриминација. Сите стравувања на монетарната власт и недовербата на граѓаните можат да се надминат со една одлука на Уставниот Суд, во кого оштетените физички и правни лица гледаат последна шанса за враќање на надежта во владеење на правото. Имено, само Уставниот Суд може да го укине законскиот текст кој овозможува и креира правна несигурност што води во неизвесност илјадници семејства. На потег е Уставниот Суд!, се вели во соопштението на здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи”.