Шекеринска и Османи на состанок на НАТО: Одлучено е од 1 мај повлекување на сојузничките сили од Авганистан

by Fokus

Сојузничките сили на НАТО од 1 мај ќе почнат со повлекување од Авганистан. Ова е одлуката на состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на НАТО, на кој учествуваа министрите Бујар Османи и Радмила Шекеринска.

Како што соопшти МНР, сојузниците на состанокот посочија дека очекуваат со тоа да се создадат услови за ново поглавје за иднината на Авганистан, во која главната улога ќе ја имаат граѓаните на земјата. Реафирмирана е силната поддршка за развојот на демократијата, човековите права и зајакнувањето на безбедносните институции на Авганистан.

-Земјите членки на Алијансата се заложија за зајакнување на дипломатските напори за изнаоѓање на политичко решение и успешно завршување на мировниот процес во Авганистан преку внатрешниот инклузивен дијалог во рамките на земјата, се наведува во соопштението од МНР.

На состанокот министрите го анализирале и развојот на настаните во Украина, каде што изразиле загриженост за дејствија од страна на Русија и зголеменото распоредување воени трупи на границата со Украина.

-Беше потенцирана и поддршката на политичкиот дијалог во рамките на Договорот од Минск, за што ја повикаа Русија да се придржува до начелата на овој договор во насока на деескалација на тензиите и зацврстување на глобалниот мир и безбедност, додаваат од МНР.

Нашата земја учествува во Авганистан од 2002 година. Во рамките на мисиите учествувавме со повеќе од 3 100 лица, меѓу кои штабни офицери и подофицери, ментори, пешадиски единици и медицински персонал. Северна Македонија во моментов во мисијата во Авганистан придонесува со 22 припадници на Армијата.

Поврзани новости