Протест на вработените во УЈП, бараат зголемување на платите за 30 отсто

by fokus

Вработените во УЈП денеска протестираат пред своите организациони едицини низ цела Македонија со барање за зголемување на платите за 30 отсто. Како што објаснува претседателот на синдикалната организација „Солидарност“, Васе Неданоски, тие ова зголемување го бараат врз основа на законско решение за автентично толкување на член 66 од Законот извршување на Буџетот.

Нашето барање е зголемување на платите за процентот што е предвиден со Законот за извршување на Буџетот, а тоа е 30 отсто. Законот предвидува определени инсституции да го остварат тоа право. Во моментов ние го немаме остварено тоа право, а нашиот колективен договор, како и Законот за УЈП врз основа на кои остваруваме плати, ја дава таа можност, односно е во склад со членот 66 од Законот за извршување на Буџетот, објаснува Неданоски за „Фокус“.

Синдикалната организација во моментов е во преговори со надлежните и очекуваат изнаоѓање на решение, но доколку тоа не се случи, најавуваат и штрајк.

Неданоски додава дека вработените во УЈП при реализација на своите права имаат политика на соработка и барање заеднички решенија во интерес на двете страни, од една страна и покажуваат високо ниво на разбирање за реалната општествена состојба денес во која се наоѓа државата од друга страна.

Во УЈП во последните 14 години имаме добиено само една корекција на платата во висина од 5%, а во последните 5 години платата на вработените во УЈП не се воопшто ни коригирани за процент. Нашето сегашно барање е на ниво на конкретен процент бидејќи е законска основа и изнесува 30%. Станува збор за вработени што со децении ја покажуваат својата висока општествена одговорност, како што е организирање донаторски, хуманитарни и крводарителски акции и сл, вели Неданоски.

Според синдикалната организација „Солидарност“, излезноста на вработените на денешниот протест е поголема од 85 отсто од вкупниот број на вработени.

К.С.Б.

Поврзани новости