Левичарското движење Солидарност повикува на гласна и масовна поддршка на денешниот граѓански протест за слобода и правда кој ќе започне во 18 часот пред Владата, на пристапот од страната на булеварот Св. Климент Охридски. Активистките и активистите од ЛД Солидарност се вклучени во организацијата на протестот и се обединети околу каузата #Протестирам, заедно и во солидарност со сите кои ја споделуваат борбата.
„Повикуваме и на самоорганизација и делување вон Скопје. Нека крикот за ослободување и желбата за правда послужат како повод секој во своето место на живеење, низ Македонија и дијаспората, го искаже својот глас и револт на свој начин! Гласот на граѓаните мора да одекне гласно насекаде и да биде чуен и уважен зад затворените врати во Стразбур, Брисел и Скопје!“, се наведува во повикот на Солидарност.
Оттаму истакнуваат дека се одбележува еден месец од 5 мај 2015, кога граѓаните и граѓанките на Македонија го оставија зад себе стравот, а со него и сите меѓусебни поделби, идентитетски разлики и интереси.
„На тој ден, народот востана против режимот, спонтано, но одлучно без лидери и без калкулации! Народниот бунт е поголема опасност за режимот од какви било преговарачки процеси и натегања помеѓу политичките елити и дипломатите! Денес, излегуваме во солидарност со сите оние кои низ годините трпеа неправда и насилство. Излегуваме со особено силна поддршка за истепаните, неправедно уапсените, обвинетите, а некои и веќе осудени соборци од настаните на и по 5 мај! Нема правда, нема мир! Излегуваме и да повториме бараме итно заминување на Груевски и неговата криминална банда. Бараме итно заминување не само затоа што
тие самите немаат легитимитет да владејат ниту ден повеќе, туку и затоа што придонесоа кон целосно делегитимирање на институциите и поттикнаа граѓанска недоверба во системот! Тие не смеат да бидат дел од ниту една преодна влада, не
смее да им се дозволи да се извлечат несоочени со правдата, мора да сносат одговорност во рамките на непартиски и независен правен систем и да го вратат украденото! Воедно, бараме и темелни промени кои ќе спречат вакво владеење да се повтори!
Против авторитарните матрици, шиканирањето на неистомислениците, клиентелизмот и самоволието на оние со моќ, ресурси и привилегии! За плурализам, меѓусебна почит и солидарност, за слобода и правда, нека денес глас кренат сите сиромашни, понижени, навредувани, шиканирани, исклучени, уценети и заплашувани од Груевски или кој било друг!
Нека глас кренат сите кои не можат да трпат ниту еден ден повеќе! Големото тивко мнозинство, граѓанството кое не се приклонува кон старите партии и нивните коалиции, кое 24 години политичките елити го третираат само како топовско месо, наскоро ќе стане носител на новата политика и новата визија за Македонија! Борбата за демократско и социјално праведно општество продолжува“, се наведува во соопштението на Солидарност.