Средбата во Пржино која траеше повеќе од седум часа заврши без договор. Четирите партиски лидери под покровителство на еврокомесарот Јоханес Хан не успеаја да се договорат за датумот на предвремените избори.
ВМРО-ДПМНЕ сака изборите да се одржат на 24 април, додека СДСМ не сака да оди на избори без исполнување на сите договорени точки од Договорот од Пржино, односно без прочистување на Избирачкиот список.
-Не отстапуваме од слободни и фер избори. Избори се можни само со прочистен избирачки список и минимум професионални медиумски стандарди. Продолжуваме да се бориме. Избори на 24 април не прифаќаме, изјави лидерот на опозицијата по завршувањето на средбата.
ВМРО-ДПМНЕ инсистира изборите да се одржат на 24 април, а притоа не дава гаранции дека дотогаш ќе може да се прочисти Избирачкиот список.