Вкупно 66 случаи се заразени од жолтица во Скопје, при што е прогласена епидемија, информираа од Центарот за јавно здравје. Најмногу случаи се регистрирани во Шуто Оризари, вкупно 21, потоа во Аеродром 9, Карпош 8, Во Чаир двајца помалку, во Центар 7, во Кисела Вода се пет, во Гази Баба и Ѓорче Петров по тројца заразени, а во Илинден и Бутел се регистрирани по два случаи.
Заболените се на возраст од 3 до 58 години, при што од 3-14 години се 23 случаи, од 16-25 години се 19 случаи, а исто толку се и од 29 до 40 години, додека пет случаи на заразени од жолтица се од 48 до 55 години. Од вкупниот број заболени лица, 40 се болнички лекувани на скопската Инфективна клиника и Инфективното одделение при ГОБ „8 септември“. Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 15 лица, кои се во добра здравствена состојба.
Според информации од ИЈЗ, од извршените епидемиолошки увиди и епидемиолошки анкети на сите заболени лица, констатирано е дека за краток временски период, односно во изминатите 10-ина дена е пријавен 21 случај, при што во четири семејства има заболено по два члена (во две семејства од општина Шуто Оризари, едно семејство од општина Карпош и едно семејство од општина Аеродром), како и во едно семејство од општина Шуто Оризари има заболено три члена. Другите случаи се епидемиолошки неповрзани.
– Постои можност зголемениот број на лица заболени од заразна жолтица да се должи на интензивните дождови, собирање на атмосферската вода и делумно излевање на канализационата мрежа во општините каде се појавени повеќето случаи. Но, независно од местото на живеење, зголемениот број случаи може да се должи и на недоволно оддржување на лична хигиена (не доволно миење раце) и несоодветно миење на свежо овошје и зеленчук пред конзумација – се наведува во соопштението од ИЈЗ.
Според Центарот за јавно здравје, олеснителна околност е тоа што се уште трае летниот распуст на учениците, при што дополнително се спречува ширење на заразна жолтица во училиштата. Од таму додаваат, дека граѓаните особено треба да внимаваат при одржување на личната хигиена, одржување на хигиена во домот и санитарните јазли, редовно миење на раце пред јадење и особено после одење во тоалет, детално миење на свежо овошје и зеленчук пред конзумација, конзумација на исправна вода за пиење и едукација за оддржување и подигање на општата и личната хигиена.