Штипскиот универзитет повторно не ги избра професорите-штрајкувачи, едниот од нив заврши во болница!

by Fokus

Продолжува голготата на тројцата професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски од економскиот факултет при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Според информации на „Фокус“, во тензична и напната атмосфера, со викотници и кавги се одржал наставно – научниот совет каде повторно на дневен ред беше гласањето за избор во повисоко звање на тројцата доктори на науки. И покрај исполнетите услови, Шајноски и Матлиеска и по  вторпат не се избрани во повисоко звање.

Според нашите информации, едниот од тројцата професори Костадиновски завршил во болница. Со возило на Брза Помош бил пренесен од Универзитетот во штипската Клиничка болница. Како што дознаваме, за време на седницата кога дошло ред за гласање за вонреден професор, ситуацијата ескалирала, станала напната, по што на професорот му се влошила здравствената состојба и итно бил пренесен на лекување. Се уште не се знае која е причината за влошувањето на неговата здравствена состојба.

Наместо седницата да биде прекината, деканот Ристо Фотов ја продолжил и Костадиновски повторно не бил избран во повисоко звање. И овој пат, како и минатиот, против професорите гласале осум нивни колеги, а петмина биле за избор во повисоко звање.

Тројцата професори 21 ден штрајкуваа со глад во просториите на СОНК во Штип. На нив неколку дена им се придружија и нивните колеги раководители и секретари од СОНК. Во меѓувреме, додека професорите штрајкуваа, Државниот просветен инспекторат донесе решение во кое ги лоцираше незаконитостите во постапката и  побара од штипскиот Универизитет да се почитуваат критериумите за избор на професори.

 

 

Поврзани новости