Споменикот на Мајка Тереза ќе биде опкружен со водопади и со магла

by Фокус

„Фокус“ дојде до деталите врзани со изгледот на оваа скулптура од неверојатни 32 метри. Според идејното решение, скулптурата ќе се состои од три делови и тоа порта, украсена со богата релјефна пластика во бел мермер на која ќе бидат поставени бронзани скулптури, потоа неколку скулптурални композиции од бел мермер позиционирани на карпест дел збогатен со водени слапови кои ќе даваат ефект на водопади и плус фонтана со ефекти на магла.

Во делот на портата ќе биде сместена и техничката просторија, од каде што најверојатно ќе се регулира густината на маглата и силината на водопадот.

„Согласно програмските барањата, проектантот во делот на скулптуралната композиција треба да предвиди млазници со кои ќе се постигне ефект на магла, додека во останатиот дел од фонатаната да има можност за наизменично ефект на жуборење на водата и ефект на водно огледало“, се наведува во тендерската документација.

За да оваа идеја стане реалност и проектот „Скопје 2014“  добие уште една монументална скулптура, Министерството за култура вчера распиша оглас преку кој бара заинтересирана фирма да направи основен проект за споменикот. Нејасно е дали Министерството ја презеде обврската за финасирање и за изградба, бидејќи пред целата македонска јавност, пред неколку месеци, лично индискиот бизнисмен, Субрата Рој, се пофали дека ќе го финансира споменикот.

Според сегашните проекции на Министерството за култура, основниот проект ќе чини 40 илјади евра, без ДДВ.

Поврзани новости