Професорскиот пленум се огласи и најостро го осуди поставувањето на плакатите, што вчера наутро осамнаа низ повеќе градови и во средни училишта, на кои се наведени имиња на активисти од Средношколскиот пленум. Според нив, срамно е на ваков начин да се шиканираат средношколците и дасе повредува нивната приватност.
– Драги професори и наставници, знаеме со какви шиканирања се соочувате. Ги знаеме сите последици и апсурдности и од екстерните тестирања, чии резултати не само што не даваат објективна слика за знаењето на учениците, туку и ве принудуваат да им робувате на наметнати образовни форми кои неповратно ги осиромашуваат и деградираат вашите наставни програми. Вашите залагања се јасни и тие се нераскинлив дел од нашите. Пред нас е период во кој ќе мораме сите заедно да се избориме за она што е најважно во креирањето на иднината на сите нас – образованието – се наведува во соопштението од Професорскиот пленум.
Според нив, новиот закон за високо образование треба да рефлектира и да иницира сам по себе измени и во законот за основно и за средно образование.