По одбивањето на ректорот да свика итна седница на Сенатот на УКИМ, Професорскиот пленум бара тоа да го направат сенаторите, за да може пред медиумите, јавноста да дознае кој дал дозвола за сечењето на дрвјата и кој повикал специјална полиција во универзитетот. Професорите кои се потпишани на повикот а ги има многимина и од различни факултети напишале:
Согласно Статутот на УКИМ, Ве повикуваме да го искористите Вашето законско право и да побарате свикување итна и јавна вонредна седница на Сенатот на УКИМ, која би се одржала најрано на 8-ми, а најдоцна на 15-ти јануари 2016 година и на која ќе присуствуваат и претставници на Студентскиот пленум, на Мугра, на Професорскиот пленум, како и претставници на медиумите, со следните точки на Дневен ред:
-Дали имало и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на Универзитетот, во доцните ноќни часови;
-Дали имало официјален повик, кој го издал и заради што го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот, во понеделникот на 14.12.2015 година;
-Информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на Кампусот за општествено-хуманистички науки.
Почитувани колешки и колеги, претставници на академската заедница на УКИМ во највисокото тело на Универзитетот – Сенатот на УКИМ, со оглед на тоа што Ректорот Стојковски не одговори на Јавниот повик на ПП за свикување вонредна седница на Сенатот на УКИМ, сметаме дека Ваше право, должност и одговорност е да преземете активности во насока на решавање на сите нејаснотии околу наведените точки. На тој начин ќе ја превенирате евентуалната ескалација на ситуацијата во општествено-хуманистичкиот кампус на УКИМ, а воедно ќе ја заштитите автономијата на високото образование и дигнитетот на академската заедница.