Како Груевски два пати ги излажал сопствениците на имоти во кампот Градиште

by Фокус

Стотина семејства од охридското село Пештани преку писмо реагираат до премиерот Груевски за да го потсетат што им ветил во врска со нивните имоти во кампот Градиште и го прашуваат зошто два пати ги излажал и чии криминални интереси штити. Во пресрет на изборите му пишуваат дека тој е соучесник во криминалот затоа што ги штити криминалците.

Во писмото испратено до Фокус, сопствениците на имотите напишале дека со Груевски имале состанок во 2008-та при отворање на Музејот на коските (наколното живеалиште). Тогаш премиерот бил заедно со министерот Ставревски, и со локалните пратеници на ВМРО ДПМНЕ, Николовски и Грозданов.

-Груевски јасно укажа дека го знае случајот и дека државата нема интерес во кампот, но и дека за неколку месеци имотите ќе ни бидат вратени согласно постапката за денационализација. Како сега паметиме дека не уверуваше оти случајот е чист и дека неправдата од 50 години конечно ќе биде исправена. Неговата одлучност потоа испадна една голема лага. Изминаа две години, а случајот не се помести од место, пишуваат револтираните пештанци.

Потоа, во 2010-тата сопствениците на имотите во кампот одново имале средба со Груевски, но премиерот без срам одново им го зборувал истото- дека имотите се на граѓаните и тие ќе им се вратат оти државата немала потреба да тоа земјиште. Но, и ова ветување останало на празни зборови.

-Груевски излезе најголемиот лажго. На втората средба бевме присутни околу 50 семејства и тој не уверуваше дека за неколку месеци работата ќе биде завршена. Како не ви е срам премиере, не гледавте во очи и не лажевте. Зарем вака ги решавате проблемите на граѓаните или само глумите пред камерите кога преку мобилен експресно им излегувате во пресрет на сите. Јавноста може да ја манипулирате, но не и нас сопствениците на имотите, оти ние лично се уверивме каков манипулатор сте, реагираат сопствениците.

Инаку, имотите во Градиште се во сопственост на десетици семејства, а во моментов државата, наместо да го денационализира, го има дадено на Инекс Горица на користење. Иако власта проценила дека таму нема државен интерес (еден од условите за денационализација), сепак како да знае дека се остварува приватен интерес и профит. Градиште важи за најживописната локација на Охридското езеро, но тие кои заработуваат со години ја оставаат да пропаѓа и ја имаат опустешено.

Во меѓувреме сопствениците имаат отворено судски постапки, но државата е секогаш посилна и од нив, и од судот, и од правдата. Пред неколку месеци, по кој знае кој пат, државата се обиде на нечесен начин да им понуди откуп на имотите, но по неверојатна ниска сума од 270 денари за квадрат, иако имотите според пазарната цена би вределе и по 100 и по 200 евра, во зависност од местоположбата. Сопствениците не сакаат да ги продадат по толку ниска цена, а се надеваат дека конечно Вишиот Управен суд, кој за прв пат ќе го разгледува предметот ќе пресуди во нивна полза.

Поврзани новости