Универзитетскиот професор Темелко Ристески денеска во изјава за Бирн призна дека извештајот кој излезе на социјалните мрежи во кој тој рапортира во Министерството за одбрана за партиски активности е автентичен.
Тој потврди дека е автор на извештајот до државниот секретар на Министерството за одбрана и вели дека бил ангажиран како надворешен советник за правни работи за стратегиски одбранбен преглед во 2019 и во 2020 година.
Во извештајот, Ристески наведува дека активно ја следел изборната кампања, дека напишал десет објави на Фејсбук за поддршка на коалицијата „Можеме“, дека напишал две агитациони писма за поддршка на коалицијата, кои биле објавени на фејсбук-страницата на Партијата на пензионерите, а и дека имал и телефонски и лични контакти со претседателот на истата партија, а за поддршка на владејачката коалиција.
Ристески, во разговор за БИРН, нагласува дека има „уставно право да има свои лични уверувања“ и дека тоа што го напишал е согласно таквите уверувања.
„Јас не кријам дека имам симпатии кон социјалдемократијата“, вели професорот.
Ристески е дециден дека „добиените пари од Министерството се исклучиво за стручно сработеното“, кое е содржано во првите две точки наведени во извештајот.
Во нив професорот објаснува за активностите и контактите поврзани со законите за одбрана и за служба во армијата. За следните четири точки вели „мислев дека не е лошо да ги споменам“.
Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ побара оставки од власта поради овој скандал.
-До кога ќе молчи Димитар Ковачевски за овој скандал што е слика на македонската беда и јад што владее во институциите под јаремот на СДСМ и ДУИ? Ќе ги врати ли парите угледниот професор – бот? Оставка“, напиша Ковачки на Фејсбук.