Бугарското вето е секако неоправдано и за жал националистичка злоупотреба на моќта на земја членка на ЕУ. На многу начини, тоа е дури и повеќе безобразно од грчкото вето затоа што става вето на земјата откако ја поддржуваше со години, не се спротивставуваше на претходните политики и потпиша договор за пријателство.
Ова го истакнува во интервју за МИА Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, Австрија, и добар познавач на приликите во регионот на Западен Балкан кој ќе учествува на Првата меѓународната конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог – „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна”, што ќе се одржи на 1 и 2 јули годинава во Охрид и Отешево во организација на МНР.
Според него, нема многу симпатии за позицијата на Бугарија во ЕУ, која е, вели, дури и смешна, но смета дека таа оди во прилог на некои земји членки кои прикриено сакаат да го одложат проширувањето.
– Проблемот е во тоа што ЕУ е блокирана и што една членка може да ја задржи блокадата, освен ако остатанатите не ја направат цената за таквата позиција превисока. Неколку членки се обидоа да преговараат и да најдат решение, вклучувајќи ги Германија и Португалија како земја претседавач во заминување, но не беа успешни, вели Бибер.
Смета дека има можност да се реши прашањето со Бугарија по изборите закажани на 11 јули и до словенечкиот самит со Западен Балкан во октомври, но, вели, тоа ќе зависи од исходот од изборите во Бугарија.
– Пред избори секогаш е различно од по избори и мислам дека партиите може да се однесуваат поинаку, ако цената на непопустливоста е јасна, што зависи од другите држави на ЕУ. Доколку партиите останат на своите позиции по изборите, или затоа што притисокот на другите членки на ЕУ не е доволен или од домашни причини, како што се нестабилни и нејасни изборни резултати, тоа може да резултира со подолг застој. Проблемот е што колку подолго треба да се решава, толку потешко тоа станува, вели аналитичарот прашан дали е можно прашањето со Софија да се претвори во замрзнат спор, имајќи предвид дека сите политички партии во Бугарија, предизборно, се со исти ригидни позиции кон евроинтеграцијата на Северна Македонија.