Професорот Венко Андоновски, на денешната свеченост во Собранието каде се доделуваше државната награда „Св. Климент Охридски“, на сцената излезе со ташната страна триесет години, со која го поминал и првиот ден како професор на универзитетот „Кирил и Методиј“. Андоновски говореше во име на сите добитници и наградата му ја посвети на Филолошкиот факултет каде е одржано првото предавање со што почнал универзитетскиот живот во Македонија.
-Без филм и филмска критика и филмологија нема стварност, без драма, без театар, без проза нема стварност, без музика, без нашиот драг Гаро поради кој уште како тинејџери слушавме добр музика, нема стварност, без историја нема стварост, човек без историја е човек без лична карта – рече Андоновски.
Државната награда за 2017 година ја добија Андоновски и историчарот Наим Алими во областа на воспитанието и образованието, и музичкиот уметник Гарабет Тавитјан, писателот Јордан Плевнеш и филмологот Илинденка Петрушева во областа на културата и уметноста.
Одлуката ја донесе Организацискиот одбор за државната награда „Св. Климент Охридски“ под претседателство на академик Владо Камбовски.
На врачувањето на наградата присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри, академици, уметници…
„Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.
Фото: МИА