Доктор по информатички науки и магистер по електротехника ќе биде новиот министер за информатичко општество и администрација, како предлог на Алијанса за Албанците. Четириесет и седумгодишниот Азир Алиу, роден во Гостивар, е редовен професор на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово.
-Алиу бил советник на премиерот на Македонија за високо образование, наука и ИКТ. Бил ангажиран како експерт во проект на ЕУ, како консултант за образовни реформи. Имал исклучителни резултати за академската заедница и нејзината перспектива. Има одлично искуство во подготовка на национални стратешки, политички и рамковни документи. Во 2015-2016 г. беше член на стратешката комисијата за ИКТ стратегија и акциски план на Република Северна Македонија. Во 2016 г. учествуваше во Стратегијата за образование со акциски план 2016-2020 и во работната група за ИКТ. Во 2015-2016 г. беше ангажиран како експерт во проектот на ЕУ IncoNET EaP S&T Policy Mix Peer Review за средното образование во Ерменија. Остварил исклучителни резултати и постигнувања за академската заедница и нејзините перспективи, пишува на веб сајтот на Универзитетот.
Во неговата биографија која премиерот Димитар Ковачевски ја испрати до Собранието, пак, се наведува дека до сега работел по струка во областа на компјутерска архитектура, оперативни системи, машинско учење и вештачка интелегенција. Алиу во своето екстензивно академско искуство работи на теми поврзани со интелигентни системи, анализа на сигнали и мулти-резолуциони слики, обработка на медицински слики. Тој е автор и на многубројни научни трудови, како и на две книги.
Сепак и во официјалната биографија се наведува ангажманот кој Алиу го имал во премиерскиот кабинет, додека на шефовската фотелја седел Никола Груевски.
Поточно, Алиу навел дека од 2013 до 2017 работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на премиерот.
В.В.