Уапсен бегалец осуден на 7-години затвор

by Fokus

Полицијата денеска во 12 часот во близина на трговски центар во Карпош го уапсила триесет и деветгодишниот Д.М. од Скопје. Тој се барал по централна потерница по наредба од Казнeно-поправна установа „Идризово“, каде бил осуден на казна затвор од седум години и три месеци за кривични дела разбојништво и тешки кражби.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, за доиздржување имал уште околу две години и три месеци. Воедно, за него била распишана и централна потерница од ЕВР Бит-пазар за постоење основано сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.

Осуденикот денеска бил уапсен од полициски службеници од Оперативен тим – потраги при СВР Скопје.
Притоа, кај него биле пронајдени и одземени повеќе предмети кои потекнуваат од кривични дела.

-Д.М. е приведен и при извршен службен разговор признал едно разбојништво, кражба и десетина тешки кражби од возила, извршени во текот на јануари и февруари 2023 година, на подрачјата на ЕВР Карпош и на ЕВР Центар. Тој ќе биде спроведен во казнено-поправната установа, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, информира МВР.

Поврзани новости