Професорите се налутија на министерот Адеми и најавија примена на сите синдикални инструменти

by fokus

На состанокот одржан на 16.01.2019 година, меѓу Министерот Адеми и неговиот тим од Министерството за образование и наука (МОН), од една страна, и претставниците на Независниот академски синдикат (НАкС), од друга, инициравме предлог за зголемување на платите на вработените во јавните високообразовни и научни установи, велат од Независниот академски синдикат.

„Во отворениот и конструктивен разговор, се согласивме дека буџетските издвојувања за платите на вработените во овие исклучително важни сектори со години наназад се недозволиво ниски, како и дека не го следат трендот на покачувања на платите во останатите јавни сектори ниту на покачувањето на просечната плата во Македонија. Споредбата на платите на универзитетските професори и научници во нашата земја со оние од регионот е поразителна. За илустрација, основната нето плата којашто за редовен професор ја исплаќа МОН изнесува 553 евра, додека во Србија за редовен професор државата издвојува 1000 евра, во Босна 1200 евра, а во Косово 1420 евра. Дополнително, констатиравме дека досегашните непринципиелни политики во однос на формирањето на  платите на вработените во овие сектори доведоа до драстични разлики помеѓу платите на вработените во различни јавни универзитети и научни установи, како и помеѓу вработените на различни единици во состав на ист универзитет. Ваквиот феномен, кој се среќава единствено во нашата земја, најмалку се должи на квалитетот на академската работа и веќе долги години предизвикува оправдано незадоволство кај голем дел од академската заедница.

Согласно разговорот, а по анализата на податоците што ни беа доставени од страна на МОН за платите на вработените на различните јавни високообразовни и научни установи, ние од НАкС на 18.04.2019 година доставивме до  МОН наш специфичен предлог и методологија за прогресивно покачување на платите, кој треба да резултира со постепено постигнување ниво на плати примерни на дејноста на сите вработени во високото образование и науката, како и со нивелирање на неоправданите и неправедни разлики во платите меѓу вработените на различните јавни установи. Со ваквиот предлог би се постигнала поголема воедначеност на  основните нето плати за исти звања и работни позиции на вработените на различните јавни универзитети, единици во нивен состав и научни установи, а, според нашите пресметки, таквото зголемување на платите може да се постигне без прекумерно оптоварување на буџетот на МОН.

Со жалење мораме да констатираме дека рокот од 10 работни дена, во кој требаше да бидеме повикани на преговори, веќе одамна помина. Со оглед на тоа што покажавме доволно трпение и разбирање, доколку во најкус временски период не бидеме повикани на состанок со одговорните од ресорното министерство, ќе бидеме приморани да заклучиме дека МОН ги прекинува преговорите со НАкС. Поради сериозноста на ситуацијата ќе бидеме принудени да ги примениме сите синдикални инструменти кои ни стојат на располагање за да ја постигнеме целта“, додаваат од НАкС.

Поврзани новости