Уште во февруари годинава, по повеќе од дваесет години членување, се откажав од членството во Сојузот на Композиторите на Македонија (СОКОМ) со писмо упатено до Претседателството на СОКОМ (4 Февруари 2015). Но, бидејки неодамна неколку од колегите – членови на СОКОМ – ми кажаа дека не биле информирани за ова (а некои беа и дезинформирани) се чини дека информацијата не била пренесена до целото членство. Со овој текст сакам накратко да ги известам колегите како и јавноста за причините за оваа одлука сврзани со СОКОМ како и со Министерството за Култура.
Првата причина за одлуката е моето несогласување со политиката на СОКОМ во врска со спроведувањето на Конкурсот на Министерството за Култура за откуп на нови музички композиции и посредничката улога што СОКОМ ја има при процесот на неговото спроведување. Ова ги вклучува начинот и процесот на избирање на членови на комисија како и самиот избор на членови на комисијата од Македонија – неретко со непроверени и недокажани квалификации и познавања од областа на современата композиција, оркестрацијата, анализата, и некои други параметри. По завршувањето на Јунскиот Конкурс во 2014 (на истиот бев и награден) бев известен дека бодувањето од страна на овие колеги било во голем расчекор со бодувањето на еминентни членови (композитори од Европа) на комисијата. Ова ги потврдува моите аргументи за не-стручноста на домашните членови на комисијата. Не е тешко да се направи кратка студија и да се најдат примери како се составува комисија и какви профили членуваат во комисии за конкурски од ваков вид во многу земји во светот.
Втората причина за одлуката го вклучува и Министерството за Култура на РМ. Бев известен дека композицијата со која конкурирав на Конкурсот за откуп на нови музички дела во Ноемврискот рок (2014) била дисквалификувана заради тоа што ливче со име на испраќач и примач било вметнато во пратката. По наравената проверка во DHL и FedEX дознав дека ова е стандардна процедура на ваквите компании и на ливчето стои на испраќач и примател – сосема истата истата информација што е на самиот коверт од надворешна страна! Самото ливче не е дел од поднесените партитури и тие биле ссосме анонимни. Ниту ливчето ниту пликот во кој подносителот ги доставува своите лични податоци, воопшто не се испраќаат до членовите на комисијата. Затоа, одлуката на Министерството да дисквалификува кандидати во чии пликови поштата или курирските доставувачи ставаат ливче на испраќач и примач нема основа. На мое големо разочарување Претседателството и Претседателот на СОКОМ не сакаа да ја поддржат мојата жалба до Министерството. Во посебни писма и Министерството за Култура и Претседателот на СОКОМ ми одговорија дека жалбата нема основа. Мислам дека со ова е направена многу груба грешка и врз конкурсот и врз мојата апликација, особено што станува збор за крупно дело за кое треба една или повеќе години да се направи.
Иако следнава информација не беше причина за мојата одлука да го напуштам СОКОМ, сепак мислам дека е важно колегите што ќе аплицираат во иднина да знаат дека начинот на спроведување на конкурсот остава место за корупција на процесот. Имено, Министерството не требаше да дозволи Претседателството на СОКОМ да има пристап до оригиналните документи со бодови испратени од членовите на комисијата, особено во ситуација кога и Претесдателот на СОКОМ е автор кој конкурира и добива награда на конкурсот и притоа има увид во деталите од гласањето на комисијата како и во пријавените композиции. Факт е дека ова се случува и самиот претседателот на СОКОМ ми го соопшти преку електронска порака. Понатаму, никој од учесниците на конкурсот (членови на претседателството што учествуваат на конкурсот вклучувајки го и Претседателот на СОКОМ) не би требало да учествуват во изборот на членови на комисијата – а тоа се случува. Со ова се создава шанса тие да изберат членови на комисија што им ”одговараат” ставајки ги останатите апликанти во подредена позиција. Од овие забелешки станува јасно дека анонимноста и фер-плејот на конкурсите се нарушени. Покрај ова, се отвора можност Министерството за Култура да ја прошири контролата врз исходот и добитниците на награди на конкурсите. Не е исклучена можноста ова веќе да се случува особено откако стана јасно по објавените “бомби” на опозицијата од Февруари наваму, дека сегашната владеачка структура воспоставила партиска контрола низ сите пори на општеството. Можеби то га направила и во овој случај.
Веќе со години сум член на комисии на конкурси и фестивали во Европа и Северна Америка каде што постои јасна процедура за водење на јавен конкурс со цел да се избегнат постапки што потенцијално може да доведат до конфликт на интерест, а во овој случај постоеле и постојат реални услови за тоа да се случи. Иако живееме во време на масовно лудило и деградација на цивилизациските вредности создавани со векови но мислам има интелектуални сили во Македонија тоа да се надмине. Ова нема да се смени “преку ноќ” но верувам дека секој поединец може да придонесе ситуацијата да се подобри. Иако со свесен дека некои од колегите членови на СОКОМ не ја поддржуваатваквата политика (барем низ разговорите што ги имав со нив) не можам да ја прифатам културата на морална перверзија и нестручност и не сакам да бидам “во друштво” на колеги што го поддржуваат ваквиот начин на работа! A особено не, во проекти што дирекно ги вклучуваат државните институции водени од луѓе што го направија плоштадот на Скопје налик на холивудско студио како за снимање на Фелиниевски филм со препознатливи елементи на фантазија и барокни слики.
Проф.Др. Мирослав Спасов