ПРОЕКТ „ОД ГРАД В СЕЛО“: Во кои села бивш премиере, во тие што ги опустошивте?

by Фокус

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Старицата се викаше Неда. Заедно со синот, снаата и трите внучиња, кои беа единствените деца во селото, ги најдовме во Чаниште. Кога во телевизија Алфа им кажав дека сакам на терен да снимам дали економскиот раст во Македонија е инклузивен, директорите (наместо уредниците, назначени директори одлучуваа за проектите) ме гледаа како да им објаснувам квантна физика. Сепак, ми одобрија снимање и со мојот колега снимател Влатко, кој беше од Прилеп, па го знаеше тој крај, тргнавме низ мариовските села. Гледам во архивите на моите текстови дека таа репортажа сме ја снимиле три месеци по формирањето на владата од предвремените избори во 2011 година.

Инаку поедноставено, инклузивен раст значи што поголем дел од популацијата да ги чувствуваат придобивките од економскиот пораст на една економија. На пример, таа 2011 година, која беше петта година откако Груевски ја презеде власта, економијата оствари раст од 2,3 отсто во однос на претходната година. Но, главните придобивки од тој раст, на пример, ги почувствувале фирмите што ги добија тендерите за проектот „Скопје 2014“ бидејќи таму се насочија државните пари.

СУМ БАРАЛА „ЦРНИ“ ПРИКАЗНИ!

Во истата година, во селото Чаниште, семејството на Неда немаше вода. Да, да, добро читате, немаше вода. Селаните имаа единствено струја. Со вода се снабдуваа во единствената селска чешма на крајот од селото, а амбуланта, училиште, водовод и асфалтен пат немаше. Ги прашав, зошто една руина на која имаше црвен крст и која веројатно во „Титова“ Југославија била амбуланта, веќе не постои?

Ми одговорија дека таа не постои многу години, дека во мариовските села нема амбуланти, туку лекар со амбулантно возило од Прилеп доаѓа секоја недела низ селата да види да не има некаква потреба. Ако се разболи некој во среда, на пример, запрашав. Снаата Кети само ги спушти рамениците и чукна во дрво дека нејзините деца, фала богу, не се разболеле. Имаа автомобил со кој се фалеа бидејќи не секоја куќа имала, но таткото на децата рече дека во зима ако се разболе некое од децата, не би можеле да се спуштат до Прилеп по локалните патчиња неисчистени од снег и мраз.

Навистина, воздухот беше незагаден, децата јадри и со црвени обравчиња, поздрави деца немав видено. Се викаа Леонид, Леонора и Анастасија. Иако најблиската продавница им беше на 20 километри, ова семејство беше задоволно со животот на село. Сепак, беа разочарани што гласот на избори го дале за владејачката партија со ветување за водовод, но тоа не се остварило. Не знам дали во меѓувреме дошла вода во Чаниште, но знам дека тоа семејство, секако, размислуваше да се пресели затоа што за една година најстарото дете требаше да тргне на школо, а училиште таму немаше.

Тргнавме понатаму низ селата. Изборот беше по сугестија на мојот пријател Милчо Манчевски, кого го прашав каде можам да ги најдам најубавите села во Македонија и тој ми посочи каде ги снимал своите филмови. Не се опишува таа убавина, особено во ноември, кога Македонија беше обоена во најубавите бои. Штавица, Кокре, Крушејца, Дуње, Вепрчани, секаде иста глетка, прекрасна природа и руинирани објекти обраснати со трње, каде што некогаш имало амбуланти и училишта.

Во најголемиот дел од селата, од четириесетина куќи, населени беа едвај десетина. Селото Кокре беше целосно испразнето, со само еден единствен жител, кој работел во околниот рудник. Тоа беше сликата за селата во Македонија што ја регистрираше камерата на телевизија Алфа. Во тоа време телевизијата веќе имаше нов сопственик, но ние вработените не знаевме, едноставно прекуноќ ја обоија во портокалово и во најавните шпици „осамнаа“ објектите од Скопје 2014.

Оваа репортажа не беше цензурирана, но отиде без некаква најава, а веднаш по објавата директорот на телевизијата ги повика главниот уредник и уредничката на информативна програма за да се пожали дека сум барала „црни“ приказни во земјата, а, ете, не сум се сетила да одам во Беровско каде што имало приватен хотел многу убав, па да сме пофалеле таква инвестиција. Уредничката му одговорила дека јавниот интерес е како се трошат државните, а не приватните пари. Толку за тоа.

ВРВ НА ЛИЦЕМЕРИЕТО

Сега кога го видов Груевски како го најавува проектот „Од град в село“, се сетив на целата репортажа и на она што го видов низ селата. Пресметувам дека ако во 2012 година бил набавен неговиот „мерцедес“, за кој слушавме во бомбите, тоа значи дека додека семејството од Чаниште со три деца преживуваше без вода, амбуланта, пат, продавница и училиште во селото, премиерот разгледувал каталози за да одбере кожени седишта што ќе му го масираат грбот и екрани на задните седиште за неговите деца да се забавуваат додека се возат. Значи во исто време, кога една Анастасија во Чаниште немала вода во чешма и училиште каде што може да се адуцира, една друга Анастасија во Скопје си гледала цртани филмови во автомобил купен со парите на граѓаните кои не отишле за водовод во Чаниште, туку за „мерцедес“ од 600.000 евра.

Ете тоа е најилустративното објаснување за тоа што е (не)инклузивен економски раст. Така што, кога го слушам деновиве Ставрески дека ако не била политичката криза, економскиот раст ќе бил 5 отсто, можам дури и да му поверувам. Економскиот раст може да биде и 10 отсто ако тој позајми уште некоја милијарда и со јавните пари да го турка економскиот раст. Проблемот е каде тие пари (и од даноците на граѓаните и оние кои власта ги зајми од банките) државата ги инвестира, односно каде завршуваат.

Според досегашното искуство, тие завршуваат во џебовите на мал број луѓе, кои цицаат од наместените тендери на власта и може лесно да се покаже во блиска иднина дека само близок круг на Фамилијата бенефицирала од економскиот раст и од потрошените пари. Затоа граѓаните инстинктивно својот гнев го насочуваат врз објектите кои го симболизираат тоа неправедно трошење на парите со кои главно се изгради „Скопје 2014“.

Оттука, овој проект за враќање на луѓето во селата е врвот на лицемерието на власта. Се прашувам колку треба човек да е забеган, расипан и подол, да тргне со вакви ветувања во предизборна кампања по десетгодишно систематско празнење на селата и погрешно (а можеби ќе се докаже дека и криминално) инвестирање на јавните пари? Кога ќе почне да инвестира во инфраструктурата низ селата? Токму овој мај, по десет поминати години во кои се потрошиле речиси 30 буџетски милијарди евра? Па, уште најмалку десет години додека дојде вода, пат, училиште и амбуланта во секое село.

Десет години уништување фирми што не се поддржувачи на власта, политички затвореници само затоа што биле неистомисленици, задолжување за децении на граѓаните и селаните за финансиските апетити на Фамилијата, но и лудите идеи на нашиот „крал сонце“ за редефинирање на историјата и архитектурата. И на крај со таков пустош зад себе во сопствена „креација“, да се дрзнеш да зборуваш за враќање на луѓето во селата?!?

Човеку, не би сакала ни минута да бидам во твојата кожа, не поради доказите што против тебе ги има Катица Јанева, туку поради товарот на совеста од толку злодела врз граѓаните и селаните на Македонија. Партијата со која раководи таков човек не е политички избор, луѓето што сѐ уште го поддржуваат и му ги држат распарталените гаќи за царот да изгледа дека не е гол, не поддржуваат идеологија. Тие поддржуваат мафија и се корумпирани од парите на истите граѓани кои една деценија се распределуваат не за подобар живот на сите, туку за купување „верност“ кон домашниот „клан Корлеоне“.

А македонската мафија не би била тоа што е, ако немаше свој „кум“ што сите тие погрешни приоритети во трошењата ги овозможи. Тој е клучниот играч и заслужува да се најде на „удар“ на Шарената револуција. Па, фрлете еден балон со боја кон него и во мое име!

 

Поврзани новости