Судскиот процес во случајот Дива населба, против 29 лица обвинети за настаните во Куманово, кои се случија во мај минатата година продолжува денеска. Пред Судскиот совет треба да сведочат полицајци кои учествуваа во акцијата.
Обвинетите се товарат за тероризам и учество во терористичка организација.
На претходните рочишта обвинетите се изјаснија дека се невини и одбраната побара случајот да биде преземен од Специјалното јавно обвинителство. Судијата одговори дека предметот ќе биде предаден на ова обвинителство доколку оттаму пристигне такво барање до судот.
Обвинителството тврди дека нападот во Дива населба бил добро организиран, а обвинетите настапиле со директна умисла.
На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.