Продажбата на казиното во „Мериот“ е чиста, нема сомнеж за перење на пари!

По извршените проверки, обвинителството не утврди постоење на кривично дело перење пари и достави барање за укинување на замрзнување на средствата до судот, велат од ЈO за „Фокус“.

by Фокус

Од Јавното обвинителство ја потврдуваат информацијата што завчера ја објави „Фокус“ дека биле замрзнати средства во износ од 12 милиони евра, кои реномирана австриска компанија што делува во секторот со игри на среќа лани во декември, преку две различни трансакции, ги уплатила на сметка на компанијата „Дивелоп Груп“ за купување на казиното во рамки на хотел „Мериот“.

„Средствата на сметка на „Дивелоп груп“ биле уплатени од купувачот на казиното – домашно правно лице. На две сметки во Комерцијална Банка првично од страна на Управата за финансиско разузнавање како сомнителна трансакција биле замрзнати средства во износ од 520.469.295 денари и 249.339.290 денари.

 

Откако Управата за финансиско разузнавање веднаш по замрзнувањето достави Известување за сомнителна трансакција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителството оформи предмет кој веднаш беше даден во работа“, велат од ЈО.

Од таму не известија дека предметниот обвинител на 22.12.2022 година доставил барање за замрзнување на средствата до Основниот кривичен суд – Скопје, бидејќи истекувал законскиот рок од 72 часа во кој, како што велат, финансиски средства може да бидат замрзнати по барање на УФР. Судот со решение истиот ден го уважил барањето на обвинителството и ги замрзнал средствата.

„Во текот на предистражната постапка предметниот обвинител презеде дејствија за утврдување на околностите под кои е извршена купопродажбата на казиното. За таа цел, меѓу другото, беше испитан и управителот на домашното правно лице-купувач на казиното. Воедно, предметниот обвинител ги прибави и решенијата од предметот „Империја“ врз основа на кои утврди дека хотелот во кој се наоѓа казиното не е предмет на конфискација.

 

По извршените проверки обвинителството не утврди постоење на кривично дело перење пари и на 10 јануари годинава јавниот обвинител до Основниот кривичен суд достави Барање за укинување на замрзнување на средствата и со Решение од судот на 16 јануари истите се одмрзнати“, стои во одговорот.

Како што денес објави „Фокус“, продажбата на казиното е поврзана и со раздолжување меѓу партнерите во „Дивелоп Груп“ – „Бест Веј Инвестмент на Јордан Мијалков, син на ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, како и Александар Ивановски. Од оваа продажба, Ивановски треба да добие 2 милиони евра за да го отстапи уделот, плус недвижности на Водно во вредност од исто така 2 милиони евра.

В.С.

Поврзани новости