Мијалкови се откажуваат од „коцката“: „Замрзната“ продажба на казиното во „Мериот“

Откако „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на Сашо Мијалков, се повлече од сопственичката структура на „Макс Бет“, на продажба е и казиното во „Мериот“, меѓутоа, според информации на „Фокус“, уплатените средства од реномирана странска компанија биле замрзнати.

by Фокус

Семејството на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој моментално одлежува затворска казна по склучувањето на спогодбата за признавање вина во случајот „Империја“, целосно го напушта бизнисот со игри на среќа.

Откако Мијалков се повлече од јавната функција во 2015 година, друштвото „Бест Веј Инвестмент“ на неговиот син Јордан Мијалков влезе во нафтениoт, угостителскиот, прехранбено-земјоделскиот и многу други бизнис сектори.

Воедно, како што тогаш објави „Фокус“, оваа компанија во 2018 година го основаше друштвото за игри на среќа „Макс Бет“, заедно со истоимената компанија на Саша Марчета, познат како „кралот на коцката“.

Речиси истовремено, Мијалкови преку „Бест Веј“ влегле и во сопственичката структура и на „Дивелоп Груп“, во чија сопственост е хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје, во чии рамки, пак, функционира казино.

Меѓутоа, официјалните податоци од Централниот регистар покажуваат дека на средината на минатата 2022 година, „Бест Веј“ е избришан од сопственичката структура на „Макс Бет“, која секоја година ја заврши со загуба, а моментално има доспеан долг кон УЈП од над 3 милиони денари.

Освен што се повлекле од оваа компанија, според информации на „Фокус“, Мијалкови се обидуваат целосно да излезат од коцкарскиот бизнисмен, бидејќи на продажба е и казиното во „Мериот“ со површина од 3.000 квадратни метри.

Иако бил постигнат договор со реномирана автриска компанија која веќе долги години делува на македонскиот пазар, сепак, дознаваме дека работите се искомплицирале поради активности на домашните инситутиции.

Според нашите информации, австриската компанија во две различни трансакции во текот на декември минатата година префрлила вкупно 12 милиони евра, кои биле замрзнати со решение на Управата за финансиско разузнавање.

„Фокус“ се обрати до УФР, со прашање дали тоа е точно, кои биле причините за замрзнувањето и дали се уште средствата се блокирани? Од таму го добивме следниот одговор:

„Управата не би можела да Ви одговори конкретно на прашањата, но воедно би сакале да Ве информираме дека по се она што било или претставувало предмет на работа на Управата е соодветно постапено согласно Законот и согласно своите надлежности“.

Воедно, од таму посочуваат дека Управата е основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам и доставување на резултатите до надлежните органи кога постојат основи за сомневање.

Податоците, информациите и документацијата кои ги прибира, анализира, обработува и доставува Управата согласно со овој закон се класифицирани за кои е утврден соодветен степен на класификација согласно со прописите за класифицирани податоци и од таа причина директорот и сите вработени подлежат на безбедносни проверки“, велат од УФР.

Инаку, од оние 12 милиони евра што биле уплатени па замрзнати на сметка на „Дивелоп Груп“, според нашите информации, 8 требало да повлече „Комерцијална банка“, која ја кредитирала изградбата на „Мериот“ со кредит од 23 милиони евра.

Се обративме и до банката со прашања колку изнесувал кредитот изградба на хотелот, колку средства досега оваа компанијата вратила кон банката, колку изнесуваат доспеаните обврски во моментов? Но, од таму ни посочија дека овие информации претставуваат деловна тајна.

Останатите 4 милиони евра, според нашите информации, требало да им припаднат на „Бест Веј“ и Александар Ивановски, кој на хартија се уште е мнозински сопственик, меѓутоа во практика главниот збор околу водењето на „Мериот“ го имаат Мијалкови.

По официјален пат, испративме прашања и до „Дивелоп Груп“ и се обративме до Иво Котески, одговорно лице во фирмата ќерка „Гранд“, но досега не добивме одговор дали е точно декa средства во износ од 12 милиони евра за купување на казиното во „Мериот“ биле замрзнати.

Своевремено, „Фокус“ пишуваше дека откако семејството на Мијалков ја формираше компанијата „Бест Веј Инвестмент“, прво влезе во нафтениот бизнис преку „ОМ Петрол“, а подоцна ја откупи и „Софија Градба“, со што автоматски стана дел од сопственичката структура на „Жито Полог“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“.

Една од компаниите каде подоцна влегоа Мијалкови беше и „Дивелоп Груп“, која беше опфатена и во случајот „Империја“, во чии рамки беше замрзнат имотот што го поседува компанијата, вклучително и уделот во „Мериот“. Сепак, Мијалков плати кеш за да не биде конфискуван овој имот.

Влатко Стојановски

Поврзани новости