Прочитана шифрирана порака на обвинет во „Монструм“: „Ми се погоди мрсен батак, го оставив до пола“!

by fokus

На денешното рочиште за случајот „Монструм“ се прочитаа неколку СМС пораки и транскрипти од разговори на дел од обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.

Јавноста имаше можност да слушне разговор на обвинетиот Алил Демири со непознато лице, кој бил снимен со употреба на Посебни истражни мерки.

-Да не те боли желудникот, го прашува непознат соговорник Демири.

Тој пак одговара: „ Ме удри мрсното во глава“, вели Демири, смеејќи се.

Потоа соговорникот го прашува дали јадел денес, а Демири вели: „Батакот ми се погоди многу мрсен и го оставив до пола, вели обвинетиот и повторно се смее.

Овој разговор беше дел и од првостепената пресуда за случајот „Монструм“,  а тогашната обвинителка Гордана Гешкоска даде свое толкување. Според Гешкоска, соговорниците зборувале во шифри, па батакот бил едно од момчињата, за кој Демири наводно сакал да каже дека требало да го убие ама не можел да го докрајчи (го оставив на пола) па морал друг да му помогне.

Исто така овие двајца соговорници разговараат и за едно буре, за што Гешкоска исто така имаше свое толкување.

„Го фрли ли бурето“, прашува Демири, а соговорникот му вели дека го фрлил во каналот.

Според обвинителката Гешкоска бурето било всушност оружјето со кое било извршено петкратното убиство, а кое никогаш не беше пронајдено. Па наводно, според толкувањето на обвинителката, оружјето било фрлено во канал.

Останува да се види дали и обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски на исти начин ќе го толкуваат разговорот.

Судењето е во тек.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО, а сега повторно предметот е вратен во редовното обвинителство.

В.В.

Поврзани новости