По неуспешниот обид за воен пуч во кој загинаа вкупно 265 луѓе од двете страни, а речиси три илјади пучисти беа уапсени, приврзаниците на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчерашната ноќ ја минаа на улиците од Истанбул носејќи турски знамиња и славејќи ја победата над заговорниците.
Состојбата во Турција е под контрола, откако ноќта кон петокот во Анкара и Истанбул дојде до судири меѓу побунетите војници, од една страна, и единиците верни на владата и повеќе десетици граѓани кои излегоа на улиците во одбрана на власта.
Турските власти бараат САД да им го испорача имамот Фетула Ѓулен, кој, според нив, е главниот инспиратор на обидот за воен удар, но Ѓулен ги отфрла ваквите обвинувања и возвраќа дека Ердоган можеби сам ја исценирал оваа операција, за да има оправдување да се пресмета со неистомислениците и да ја бетонира неговата власт.