Привршува стечајот за „СВ Инвест“, позната по тендерите од ЕСМ и опозициските обвинувања за блискост до власта!

Во постапката донесени се вкупно 47 решенија за намирување на доверители, велат за „Фокус“ од битолскиот суд, каде се води стечајната постапка за компанијата на Стојан Чифлигароски, која доби тендери во вредност од околу 6 милини евра, а се споменуваше во кривична пријава поднесена од конкурентска компанија за изнуда, врз основа на која Христијан Мицкоски го впери прстот кон Вице Заев.

by Фокус

Стечајната постапка за битолската компанија „СВ-Инвест“, која стана позната во јавноста откако одеднаш почна да добива тендери од државната компанија за производство на струја АД ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) за работа во РЕК Битола веднаш после политичките промени во 2016/2017 година, влегува во самиот финиш.

Во постапката донесени се вкупно 47 решенија за намирување на доверители. Постапката за стечај е при крај, во завршна фаза, односно предлог-планот за конечна распределба – завршна сметка и завршен извештај беа објавени на огласна табла. По симнувањето од огласна табла, ќе биде закажано завршно собрание, а датумот ќе биде објавен во Службен весник“, ни одговорија од надлежниот Основен суд-Битола.

Инаку, стечаен управник е Коле Волчевски, кој пред околу една година ни изјави дека дотогаш банките си ги наплатиле побарувањата, а во следниот период ќе се продавал имотот на друштвото со цел подмирување на долговите кон останатите стечајни доверители, од кој најголем е уште една битолска компанија – „Пелистер“ на бизнисменот Силјан Мицевски.

Банките разлачно, надвор од стечајната постапка, си наплатија побарувања од 350 милиони денари. Во меѓувреме, се продава имотот на друштвото, се продаде недвижност во Скопје, поточно во Визбегово, а следно треба да се продаде плац на Водно проценет на 40 милиони денари. Со овие средства се сервисира долгот кон „Пелистер“ – истакна Волчевски.

Како тече стечајот на „СВ Инвест“, која се „прослави“ по тендерите од РЕК Битола?

Тој додаде дека, во меѓувреме, поднесени биле тужби кон должниците на „СВ-Инвест“, чија вкупна вредност изнесува 600 милиони денари. Во однос на овие предмети, според него, правосилни пресуди веќе имало за половина од нив, кои, како што посочува, ќе се наплаќаат во извршни постапки од правните субјекти-должници.

ТРИЕСЕТИНА ТЕНДЕРИ ЗА НЕКОЛКУ ГОДИНИ

За овој случај, неделникот „Фокус“ пишуваше уште во времето кога беше отворена стечајната постапка кон средината на ланската 2021 година, што пак следуваше веднаш откако друштвото заработи негативна референца или забрана за учество на тендерски постапки, бидејќи не беше во можност да обезбеди банкарска гаранција за тендер добиен токму од ЕСМ/ЕЛЕМ.

Отварањето на стечајна постапка не значи и нужно ликвидирање на друштвото, туку, согласно Законот за стечај, предвидена е и можност за предлагање и усвојување на план за реорганизација – ни изјави тогаш сопственикот на „СВ Инвест“ Стојан Чифлигароски, додавајќи дека компанијата има обврски кон добавувачи и банки од 971 милиони денари, но истовремено има побарувања од купувачи во износ од 661 милиони денари.

АРХИВА Како „СВ-Инвест“ падна во стечај после соработка со РЕК Битола тешка 6 милиони евра?

Според податоците од Бирото за јавни набавки, за тригодишниот период од 2018 година, оваа компанија склучила 30 договори за јавна набавка во вкупна вредност од над 388 милиони денари или 6,3 милиони евра, при што најмногу и најголеми договори биле склучени за работа во „РЕК Битола.

Како што своевремено пишуваше „Фокус“, оваа компанија се споменуваше и во кривичната пријава што друга битолска компанија – „Рубитон“, ја поднесе до Министерството за внатрешни работи во 2020 година, бидејќи, како што се наведува во пријавата, актуелниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски вршел изнуда.

Фокус открива: Како компанијата „Рубитон“ била „убедувана“ да отстапи милионски договор во РЕК Битола?

Имено, сопствениците на „Рубитон“, Васко Василев и Јани Радивчев, во пријавата до МВР наведеле Ковачевски вршел притисок во корист на „СВ Инвест“ да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово.

Тогаш, Чифлигароски одлучи да не дава никаков официјален коментар или изјава во време кога се води постапка во обвинителството.  Од ЕСМ, пак, ни одговорија дека  Ковачевски веќе ги отфрлил ваквите наводи, оценувајќи ги како неосновани. Воедно, тој ги повика институциите што поскоро да го расветлат случајот.

ЗА КАКОВ ДОГОВОР СЕ РАБОТИ?

Станува збор за договор склучен во втората половина на 2018 година за ископ на јаловина (инвестициона откривка) во рудникот Суводол во рамки на РЕК Битола, чија проценета вредност изнесувала 224 милиони денари без ДДВ. Во рамки на оваа тендерска постапка, државната компанија за производство на струја склучила договори со 3 компании на 18 август 2018 година.

Притоа, најголемиот договор во износ од 78 милиони денари бил склучен со „Гранит“ за откопно поле А. Другите два договори на идентична сума од по 72 милиони денари биле склучени со „Марковски Компани“ за откопно поле Ц и со „Рубитон“ за откопно поле Б.

Но, договорот со „Рубитон“ потпишан со времетраење од една година АД ЕСМ го раскинал на 09 ноември 2018 година, или 3 месеци откако бил потпишан. Патем, била активирана и банкарска гаранција во вредност од 30 милиони денари, по што „Рубитон“ покренал судска постапка со која побарува еден милион евра по основ на насена штета.

Веќе на 18 декември 2018 година, или еден месец по раскинувањето на договорот со „Рубитон“, државната компанија склучува договор со „СВ Инвест“ за ископ на јаловина во откопното поле Б во рудникот Суводол во износ од 49 милиони денари.

Но, овој договор не бил склучен во отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Во образложението за спроведување на ваква постапка се наведува постоење на крајна итност, која впрочем настанала како резултат на поништување на договорот со „Рубитон“.

Во известувањето за склучување на договорот со „СВ Инвест“, пак, стои дека биле повикани 2 компании на преговори, при што избраната компанија понудила пониска цена, која изнесувала 1.105 денари по кубен метар. Тоа е речиси идентично како и поништениот договор со „Рубитон“, каде како единечна цена се наведува 1.106 денари по кубен метар.

Во одговорите што тогаш ги добивме од АД ЕСМ практично нема одговор на прашањето која е другата компанија што била повикана на преговори заедно со „СВ Инвест“? Односно, дали била повикана компанијата „Рудкоп“, која била второпласирана во наддавањето во отворената тендерска постапка за овој дел или лот?

ШТО СОДРЖИ КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА?

Во пријавата на „Рубитон“ до полицијата, која потоа била проследена до обвинителството, хронолошки е раскажан систематски притисок што се спроведувал врз сопствениците од компанијата. Покрај тоа, се споменуваат многу луѓе, телефонски повици, но и конкретни локации каде се остварувале средби.

Имено, според пријавителите, веднаш после склучувањето на договорот со ЕСМ во август 2018 година бил изготвен записник за вовед во работата, па „Рубитон“ поднел барање за влез на механизација во Суводол, односно до откопно поле Ц, за кое се однесува склучениот договор.

Меѓутоа, истиот ден кога било поднесено ова барање, еден од сопствениците на „Рубитон“, како што навел во пријавата до МВР, бил повикан од Ковачевски во битолскиот хотел „Епинал“. На оваа средба, како што тврди косопственикот на компанијата, тогашниот директор на РЕК Битола од нив побарал да отстапат 50 отсто од договорот на подизведувач.

Веќе следниот ден, според пријавеното, Ковачевски од првите луѓе на „Рубитон“ побарал да отстапат 75 отсто од договорот или 3 четвртини од неговата вкупна вредност. Сепак, тие тврдат дека барањата не сопреле тука, па на следната средба, одржана во едно битолско финансиско друштво, од нив било побарано да го отстапат цел договор во вредност од скоро 1,2 милиони евра.

Наводно, Ковачевски побарал тоа да се изведе со изјава на нотар, а „Рубитон“ да добие 10.000 евра. Меѓутоа, сопствениците на компанијата, според нивниот исказ, чувствувале притисок и не сакале ниту да го извршат договорот ниту сакале да добијат 10.000 евра, туку побарале целосно да се поништи договорот.

Арно ама, откако се консултирале со адвокат тие настапиле со став дека не постои правен модус да се поништи договорот. Тогаш, според нив, Ковачевски им посочил дека ако сакаат да работат според договорот треба да донесат 250.000 евра во готово. Тоа ја одбиле и оваа понуда, па почнале да работат на терен, ама, како што нагласуваат, се соочувале со опструкции кои довеле до раскинување на договорот.

Поради сето тоа, сопствениците на „Рубитон“ оствариле средба и со поранешниот менаџерски тим на АД ЕСМ на чело со тогашниот директор Драги Миновски. Присутните на состанокот ги прашале првите луѓе на компанијата дали се што кажале пред нив би кажале и на „друго место“. Дури една година подоцна, тие го пријавиле случајот во МВР.

МИЦКОСКИ ГО ОБВИНИ ВИЦЕ ЗАЕВ

Неколку години по написот во „Фокус“, овој случај го актуелизираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски кон средината на 2021 година на брифинг со новинари обвини дека во позадина стоел братот на тогашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев-Вице Заев, кој, според Мицкоски, изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола.

Побарувањата биле „Рубитон“ да ја сработи работата, а 250 илјади евра да припаднат на Вице Заев, во кеш. Таа сума била многу поголема од можната заработувачка. Сопствениците на „Рубитон“ на повиците на Горан Крстев не се одѕиваат, по што Вице им се заканува дека ќе ја загубат работата. По низа лавиринти, компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари, за што своевремено и ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше јавно на прес-конференции за насилно внесување на фирмата „СВ Инвест“ во комбинатот – рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Вице Заев изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола

Тој исто така обвини дека иако оштетените го пријавиле случајот во полиција, но делот каде што се споменувал Вице Заев мистериозно исчезнал.

Оштетените пријавуваат во полиција, по што била изготвена пријава до ОЈО потпишана од Лазе Велковски. Но, тука има еден интересен момент, мистериозно исчезнува делот во пријавата каде што се спомнува Вице Заев. Имаме информација дека Лазе Велковски веднаш изработил нов документ и таму го изоставил делот каде што се спомнува братот на премиерот, но заборавил штембилот да го стави на истото место како на оригиналот. Тоа е дополнителен скандал и говори за спрега меѓу ОЈО и Вилма Рускоска, МВР, Лазе Велковски и кадрите на Оливер Спасовски – тврдеше Мицкоски.

Во однос на ваквите обвинувања, реагираше Вице Заев, кој во изјава за „Фокус“ изјави дека обвинувањата на Мицкоски немаат врска со реалноста и дека, како што рече, станува збор за лага, измислица, креација во умот на човекот кој е опседнат со него.

Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила – рече Заев.

Вице Заев: Опседнатиот Мицкоски да престане да лаже и да се заканува преку познаници

Тој додаде дека изнесеното од страна на Мицкоски за наводната постапка е својствена за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога, како што истакнува, тој бил директор. Воедно, и Заев ги повика надлежните институции целосно да го испитаат случајот, но истовремено го повика лидерот на ДПМНЕ да престане преку познаници да му упатува закани дека „живеел за да ми наштети“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости