Фокус открива: Како компанијата „Рубитон“ била „убедувана“ да отстапи милионски договор во РЕК Битола?

by Фокус

Битолски „Рубитон“ е компанијата која на почетокот на годинава поднела пријава до Министерството за внатрешни работи дека актуелниот директор на АД Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски, им вршел притисок и изнуда, дознава Фокус од добро упатени извори во истрагата.

Од „Рубитон“ ниту потврдуваат ниту демантираат дека тие се компанијата која министерот за внантрешни работи Наќе Чулев, без да и го открие називот, ја спомена во контекст дека Ковачевски им вршел притисок да отстапат дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово.

Како што истакна Чулев, овој притисок се правел со цел дел од зделката да и припадне на друга компанија, која, според него, немала ниту капацитет ниту механизација да го реализира договорот, но, како што истакна шефот на полицијата, важи за блиска до СДСМ.

Воедно, тој не откри за која компанија станува збор, но, според нашите информации, сопствениците на „Рубитон“ во пријавата што ја поднеле до МВР навеле дека се работи за битолската компанија „СВ Инвест“. Токму оваа компанија, според официјалните податоци, подоцна ја доби работата на „Рубитон“.

Стапивме во контакт со сопственикот на „СВ Инвест“, Стојан Чифлигароски, кој одлучи да не дава никаков официјален коментар или изјава во време кога се води постапка во обвинителството. Тој само кусо прокоментира дека не може да се пласираат обвинувања без докази.

Инаку, сопствениците на „Рубитон“, Васко Василев и Јани Радивчев, ја поднеле пријавата до Одделот за сериозен криминал и спречување корупција при МВР во февруари годинава, по што било испратено известување до Обвинителството за организирал криминал. Од таму дури вчера издале наредба за преземање на истражни дејства.

Од ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ ни одговорија дека генералниот директор Ковачевски веќе ги отфрлил ваквите наводи, оценувајќи ги како неосновани. Воедно, тој ги повикува институциите што поскоро да го расветлат случајот.

ПОНИШТУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ И СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИТНА ПОСТАПКА

Што велат официјалните податоци? Според Бирото за јавни набавки, АД ЕСМ во втората половина на 2018 година спровел тендерска постапка за ископ на јаловина (инвестициона откривка) во рудникот Суводол во рамки на РЕК Битола, чија проценета вредност изнесувала 224 милиони денари без ДДВ.

Во рамки на оваа тендерска постапка, државната компанија за производство на струја склучила договори со 3 компании на 18 август 2018 година, при што најголемиот договор во износ од 78 милиони денари бил склучен со „Гранит“ за откопно поле А. Другите два договори на идентична сума од по 72 милиони денари биле склучени со „Марковски Компани“ за откопно поле Ц и со „Рубитон“ за откопно поле Б.

Но, договорот со „Рубитон“ потпишан со времетраење од една година АД ЕСМ го раскинал на 09 ноември 2018 година, или 3 месеци откако бил потпишан. Притоа, била активирана и банкарска гаранција во вредност од 30 милиони денари, по што „Рубитон“ покренал судска постапка со која побарува еден милион евра по основ на насена штета.

Веќе на 18 декември 2018 година, или еден месец по раскинувањето на договорот со „Рубитон“, државната компанија склучува договор со „СВ Инвест“ за ископ на јаловина во откопното поле Б во рудникот Суводол во износ од 49 милиони денари.

Патем, овој договор не бил склучен во отворена постапка, туку во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Во образложението за спроведување на ваква постапка се наведува постоење на крајна итност, која впрочем настанала како резултат на поништување на договорот со „Рубитон“.

Во известувањето за склучување на договорот со „СВ Инвест“, пак, стои дека биле повикани 2 компании на преговори, при што избраната компанија понудила пониска цена, која изнесувала 1.105 денари по кубен метар. Тоа е речиси идентично како и поништениот договор со „Рубитон“, каде како единечна цена се наведува 1.106 денари по кубен метар.

Во одговорите што ги добивме од АД ЕСМ практично нема одговор на прашањето која е другата компанија што била повикана на преговори заедно со „СВ Инвест“? Односно, дали била повикана компанијата „Рудкоп“, која била второпласирана во наддавањето во отворената тендерска постапка за овој дел или лот?

ОТСТАПУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ПРЕД НОТАР ИЛИ 250.000 ЕВРА

Според сознанијата до кои дојдовме, во пријавата на „Рубитон“ до полицијата, која потоа била проследена до обвинителството, хронолошки е раскажан систематски притисок што се спроведувал врз сопствениците од компанијата. Покрај тоа, се споменуваат многу луѓе, телефонски повици, но и конкретни локации каде се остварувале средби.

Имено, според пријавителите, веднаш после склучувањето на договорот со ЕСМ во август 2018 година бил изготвен записник за вовед во работата, па „Рубитон“ поднел барање за влез на механизација во Суводол, односно до откопно поле Ц, за кое се однесува склучениот договор.

Меѓутоа, истиот ден кога било поднесено ова барање, еден од сопствениците на „Рубитон“, како што навел во пријавата до МВР, бил повикан од Ковачевски во битолскиот хотел Епинал. На оваа средба, како што тврди косопственикот на компанијата, тогашниот директор на РЕК Битола од нив побарал да отстапат 50 отсто од договорот на подизведувач.

Веќе следниот ден, според пријавеното, Ковачевски од првите луѓе на „Рубитон“ побарал да отстапат 75 отсто од договорот или 3 четвртини од неговата вкупна вредност. Сепак, тие тврдат дека барањата не сопреле тука, па на следната средба, одржана во едно битолско финансиско друштво, од нив било побарано да го отстапат цел договор во вредност од скоро 1,2 милиони евра.

Наводно, Ковачевски побарал тоа да се изведе со изјава на нотар, а „Рубитон“ да добие 10.000 евра. Меѓутоа, сопствениците на компанијата, според нивниот исказ, чувствувале притисок и не сакале ниту да го извршат договорот ниту сакале да добијат 10.000 евра, туку побарале целосно да се поништи договорот.

Арно ама, откако се консултирале со адвокат тие настапиле со став дека не постои правен модус да се поништи договорот. Тогаш, според нив, Ковачевски им посочил дека ако сакаат да работат според договорот треба да донесат 250.000 евра во готово. Тоа ја одбиле и оваа понуда, па почнале да работат на терен, ама, како што нагласуваат, се соочувале со опструкции кои довеле до раскинување на договорот.

Поради сето тоа, сопствениците на „Рубитон“ оствариле средба и со поранешниот менаџерски тим на АД ЕСМ на чело со тогашниот директор Драги Миновски. Присутните на состанокот ги прашале првите луѓе на компанијата дали се што кажале пред нив би кажале и на „друго место“. Дури една година подоцна, тие го пријавиле случајот во МВР.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости