Според податоците на Комитетот, не само што во речиси сите притворски одделенија во земјава нема слободно место, туку таму се сместени за три пати повеќе притвореници, отколку што има капацитет. Најлоша е состојбата со затворот во Битола, каде што пренатрупаноста е 270 проценти, односно реално има место за 11, а се сместени 30 притвореници. И во затворот во Тетово има место за 11 притвореници, а таму се сместени 27. Состојбата не е подобра ниту во најголемиот истражен затвор „Скопје“, каде што има 378 притвореници, а 290 кревети. Во Прилеп, пак, има капацитет за 17 притвореници, а зад решетки се 29.
„Иако домашното законодавство и меѓународните стандарди налагаат мерката притвор да се користи како исклучок, а не како правило, траењето да биде сведено на најкусо нужно време и најпрвин да се разгледа можноста за користење на поблаги превентивни мерки, во Хелсиншкиот комитет постои чувство дека притворот понекогаш се користи како казнена мерка, а во одредени случаи и како метод на заплашување. Ваквиот став го темелиме на примери во кои притворот се определува и за полесни кривични дела, судски решенија во кои кај обвинетите се прејудицира вина уште пред почетокот на судењето, изрекување на затворски казни кои одговараат на времето поминато во притвор, како и начинот на кој специјални полициски сили спроведуваат осомничени во судовите пред телевизиски камери“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од Комитетот реагираат и дека недлежните речиси никогаш не ја аргументираат одлуката за притворот, туку едноставно ја правдаат со цитирање на одредби од законот.
„Во Македонија се уште опстојува праксата на исклучително оскудни решенија во кои недостасува поконкретна анализа и образложение на секоја одделна основа поради која се определува притворот. Решенијата за продолжување на притворот пак вообичаено се идентични едно на друго и се засноваат врз едноставно парафразирање на условите наведени во Законот закривичната постапка“, заклучуваат од Хелсиншкиот комитет.